1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН против легализацијата на марихуаната во Уругвај

Обединетите нации ја прогласија за нелегална одлуката на Уругвај да го легализира одгледувањето, продажбата и консумирањето на марихуана.

Според директорот на Меѓународното биро за контрола на наркотиците (ИНЦБ) Рејмонд Јенс, ова решение на владата во Монтевидео значи повреда на меѓународното право, но тоа исто така предизвикува и голема штета. Јенс смета дека законот ќе ги „изложи на опасност младите луѓе ,кои сега порано ќе станат зависници од оваа дрога“.

Со новиот уругвајски закон, секој Уругваец постар од 18 години може слободно, во специјално определените аптеки, да купи до 40 грама марихуана месечно. Уругвајската влада верува дека со законот што вчера беше усвоен, ќе им застане на патот на моќните нарко-картели во земјата. Меѓународното биро за контрола на наркотиците во посебно соопштение вели дека се изненадени од потегот на владата во Монтевидео, затоа што ваквиот закон значи директно прекршување на универзалната согласност за оваа дрога, како и непочитување на веќе прифатените и потпишани спогодби.

Контровезниот закон за легализација на марихуаната, со тесно мнозинство од само три гласа, беше усвоен од страна на Сенатот на Уругвај. Во јули годинава, овој закон беше прифатен од Долниот дом на уругвајскиот Конгрес (Парламентот), но домашната опозиција остро се противи на политиката на левичарскиот претседател Хозе Мухика. Претставник на опозицијата го нарече законот „експеримент со луѓето“.

Историското решение на Уругвај, по што оваа земја стана првата во светот во која трговијата со марихуаната не е забранета, доаѓа во време на широка расправа во јавноста на Латинска Америка, во која се‘ почесто се заговара легализација на оваа дрога.

Група од познати поранешни политичари, а сега угледни јавни личности, меѓу кои се и поранешните претседатели на Бразил, Фернандо Кардосо и на Мексико, Ернесто Зедиљо, бара марихуаната да биде легализирана и регулирана. Папата Франциско, меѓутоа, за време на својата посета на Бразил, изминатото лето, ги осуди барањата за легализирање на оваа дрога.