1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН пред многу непознати во Сирија

И пред објавувањето на извештајот на ОН за Сирија немаше дилеми дека во земјата било употребено хемиско оружје. Но остануваат многу неодговорени прашања, вклучително и кој го употребил оружјето.

Во петокот генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун зборуваше за веродостојни докази за употребата на хемиско оружје во Сирија. Не е ни чудо што потврдата за нивната употреба во извештајот на ОН подоцна воопшто не беше ни третирана како вест.

Извештајот на инспекторите на ОН потврдува дека нервниот гас сарин бил употребен на 21. август во близината на Дамаск и тоа во „релативно големо количество“. Но, извештајот не одговори на политички важното прашање дали режимот на Асад или бунтовниците се виновни за неговата употреба. Тоа не беше задача на инспекторите.

Но експертот за Блискиот Исток од Вашингтон, Брус Ридел вели дека тоа е јасно.

„Извештајот не го обвинува директно режимот на Асад, но малкумина им веруваат на неговите тврдења дека бунтовниците го употребиле нервниот гас“.

Бан Ки Мун најпрво излезе со дипломатска изјава дека „меѓународната заедница има одговорност да ги повика на одговорност сторителите“. Но Бан исто така подвлече дека САД и Русија се согласија на резолуција во ОН со која се бара уништување на сириското хемиско оружје, дури и со употреба на воена сила, доколку е неопходно. Кога беше презентиран извештајот на ОН, Бан рече дека за прекршените ветувања од Дамаск ќе има последици.

Сега на потег е Советот за безбедност на ОН. Во резолуцијата која треба да биде изгласана, спорни се заканата со употреба на сила во случај Сирија да не се придржува до планот (на што инсистираат САД), но ќе треба да се најде начин да се заобиколат и огромните безбедносни проблеми кои ќе ги следат инспекторите на ОН. Според Ридел, безбедносните прашања можат да го саботираат планот на ОН.

„Кој ќе ја обезбедува сигурноста на инспекторите? ОН не можат да се потпрат на сириската армија, ниту на бунтовниците“, вели Ридел.

Како ќе реагираат бунтовниците?

Режимот на Асад не само што мора да соработува за безбедносните прашања, туку ќе мора да покаже и невообичаена транспарентност, смета Марк Џејкобсен од Германскиот Маршалов Фонд во Вашингтон. Властите во Дамаск ќе мораат во најкус рок да предадат листа со хемиското оружје кое го поседуваат, но потоа следува неговото уништување.

Ake Sellström Ban Ki Moon UN Bericht Syrien Giftgas Einsatz

Аке Селстром, шеф на тимот за контрола на хемиското оружје на ОН му го предава извештајот на Бан Ки Мун

„Стотици луѓе и огромна опрема ќе мора да се однесат во Сирија. За уништувањето на хемиското оружје во Ирак беа потребни десет години. Според руско-американскиот план истото во Сирија ќе треба да се стори за една година“, вели Џејкобсон.

Ридел е особено загрижен за тоа како ќе реагираат бунтовниците. За мнозинството нив, договорот во Женева беше победа на Асад и тие сега не им веруваат ниту на САД, ниту на ОН.

„Екстремистите во бунтовничкиот камп, особено припадниците на Ал Каеда најверојатно ќе се обидат да ги спречат инспекторите на ОН со насилство. Ал Каеда ги смета ОН за алатка на големите сили кои работат против исламот“, вели Ридел. Нападите врз објектите на ОН во Багдад и во други градови веќе ја покажаа деструктивната сила на Ал Каеда. Ридел е сигурен дека сириските „филијали“ на Ал Каеда се способни да изведат напади во главниот град и на други места низ Сирија.