1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН побараа информации од САД за нивните напади со беспилотни летала

Обединетите нации бараат јасни податоци од американскиот Пентагон за бројот на цивилните жртви во американските напади со беспилотни летала во Пакистан, Сомалија, Ирак, Јемен и други земји.

Специјалниот известувач на ОН за човекови права и одбрана од тероризмот Бен Емерсон во извештај подготвен за Генералното собрание на светската организација истакна дека поради тоа што САД не ги објавуваат податоците за нивните напади со беспилотни летала е невозможно да се процени бројот на цивилни жртви во ваквите напади во Пакистан, Авганистан, Сомалија, Ирак и Јемен. Американската влада затоа мора да ги објави податоците за нејзините напади со т.н. „дронови“.

Емерсон во специјалниот извештај ги наведува информациите на пакистанското Министерство за надворешни работи, според кои само во оваа држава, и тоа главно во регионот на границата кон Авганистан, од 2004. година наваму се забележани 330 напади со беспилотни летала. Владата во Исламабад регистрирала 2200 загинати лица во овие напади.

Најмалку 400 лица меѓу нив биле цивили кои загинале во овие далечински управувани воздушни напади, а за уште 200 се смета дека не ѐ припаѓале на никаква вооружена групација, велат податоците на пакистанската влада кои ги цитира Емерсон.

Апел и до Израел и Велика Британија

Најголем број од американските напади со беспилотни летала се случуваат над Пакистан, Авганистан и Јемен. Во мисиите во Пакистан и во Јемен е вклучена и американската тајна служба ЦИА и има многу малку објавени информации за нив.

„Вклученоста на ЦИА во смртоносните антитерористички операции во Пакистан и во Јемен создадоа речиси непремостлива пречка за транспарентноста“ , критикуваше специјалниот известувач на ОН, Емерсон.

САД долги години дури не сакаа ниту да го потврдат постоењето на програмата за напади со беспилотни летала. Во меѓувреме, владата во Вашингтон тврди дека со ваквите напади можат целно да се убиваат исламистички терористи и оти притоа речиси и да нема цивилни жртви.

Емерсон побара и од Велика Британија и од Израел да објават податоци за нивните програми за водење војна со беспилотни летала.