1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН: Однесувањето на Гадафи е неприфатливо

Претставници на меѓународната заедница денеска во Женева едногласно го осудија насилството врз цивилите во Либија и се заложија за спроведување на санкциите, што ги воведе Советот за безбедност на ОН.

default

Претставниците на Велика Британија, САД и Германија

Комесарот за човекови права при ОН Нави Пилај ја повика меѓународната заедница да ги поддржи реформите во арапските земји. Меѓународната заедница има голема одговорност да пружи поддршка со зборови и дела за спроведување на неопходните реформи во северна Африка, рече денеска Пилај на отворањето на годишната седница на Советот за човекови права на ОН во Женева. Централна тема на средбата е состојбата во Либија, каде според Пилај се’ уште се заканува опасност за насилно потиснување на цивилите. На советувањата во Женева се присутни и американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, како и повеќемина европски министри за надворешни работи. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претпладнево исто така го осуди насилството врз цивилното население во Либија. „Примената на воена сила врз граѓаните е неприфатлива“, подвлече Лавров во Женева.

Протестите продолжуваат, а се таложат и санкциите

Catherine Ashton

И Кетрин Ештон се заложи за воведување на санкциите на ОН

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон се заложи за брзо спроведување на санкциите што ги усвои Советот за безбедност на ОН и подвлече дека „човековите права се универзални“. Меѓу санкциите се вбројуваат забрана за влез, блокирање на сметките како и ембарго за оружје.

Во Либија инаку и денеска продолжија борбите меѓу востаниците и трупите на Моамер ел Гадафи, а владата во Париз соопшти дека уште денеска за Бенгази ќе испрати два авиона медицинска помош, како и лекари и медицински персонал. Во меѓувреме соседен Тунис се соочува со се’ поголем наплив на бегалци. Според проценките на ОН, изминатите недели околу 100.000 лица ја напуштиле Либија.

Автор: АТ/ ЖА/ дпа/ афп/ројтерс Редактор: Трајче Тосев

DW.COM