ОН го прошируваат ангажманот во Ирак | Свет | DW | 11.08.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН го прошируваат ангажманот во Ирак

Четири години по повлекувањето од Ирак, СБ синоќа ја изгласа резолуцијата предложена од САД и Велика Британија со која треба да се унапреди политичкиот дијалог во Ирак како пат кон нормализација на состојбата.

default

Седиштето на ОН во Багдад

Ова е втор обид за посилен ангажман на ОН во Ирак. Пред четири години, по нападот врз седиштето на ОН во Багдад, во кој загинаа 22 лица, мисијата на светската организација се повлече од земјата. Новата одлуката во Советот за безбедност е донесена едногласно, по долгите разговори и дилеми дали соработниците на ОН сега ќе бидат безбедни. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун се обиде да ги намали ваквите стравувања:

„Ќе ги преземам сите неопходни мерки за да се осигура безбедноста на нашите соработници“.

ОН не смеат да попуштат пред заканувачкото насилство, и треба да се ангажираат секаде во светот за доброто на луѓето. Мисијата во Ирак која од 65 наскоро ќе се зголеми на 95 луѓе треба Ирачаните да ги советува и поддржува во „националното помирување и заживување на политичкиот дијалог“. Ова стои во текстот на новата резолуција.

Како конкретни чекори се наведени преработка на Уставот, дефинирање на границите и попис на населението. Мисијата на ОН треба да води и разговори со ирачките соседи околу безбедноста на границите и снабдувањето со енергија. Голем проблем во регионот се бегалците. Над четири милиони луѓе избегаа од насилствата во Ирак. ОН, сега треба да го координираат нивното враќање. Тоа е огромна и тешка работа, поради што генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун ја повика ирачката влада на соработка и поддршка.

„Се надевам и апелирам до ирачките власти да го завршат нивниот дел од работата и да се ангажираат во заживување на неопходниот политички дијалог “.

Улогата на САД во новата резолуција која ја предоложија заедно со Велика Британија, од набљудувачите во Њујорк се гледа критички – со резолуцијата суптилно сакаат да ја префрлат одговорноста за Ирак врз ОН, и со тоа среднорочно да го подготват повлекувањето на нивните трупи од земјата, гласат коментарите. Американскиот амбасадор во Ирак, Залмај Кализад го отфрла ваквите тврдења.

„Ние не велиме дека со ова ќе им ја префрлиме работата на ОН или на некој друг. Ние ќе си го одработме нашиот дел. Си ги знаеме нашите обврски“.

Според амбасадорот САД ќе стори се за да ја гарантира безбедноста и ефективноста на мисијата на ОН во остварување на новите цели. Тоа ќе биде многу потребно. Само во вчерашниот последен напад во Ирак загинаа 22 цивили.