1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН ги осудија борбите на Голан

ОН се загрижени за иднината на мировната мисија на Голанската Висорамнина. Советот за безбедност ги повика двете страни во Сирија да ја почитуваат мисијата на ОН во граничната област меѓу Сирија и Израел.

Советот за безбедност на ОН најжестоко ги осуди најновите борби меѓу сириските владини трупи и бунтовниците на Голан, во пограничниот појас меѓу Сирија и Израел, како и ранувањето и загрозувањето на животот на припадниците на тамошната мировна мисија УНДОФ. Од Советот апелираа до сите страни да им дадат поддршка на припадниците на мисијата УНДОФ во обезбедувањето на мирот и стабилноста на оваа погранична зона и под итно да прекинат судирите, без разлика кој ги води, бидејќи истите претставуваат закана за животите на тамошното цивилно население.

Исто така, СБ ја истакна и големата загриженост за се‘ поголемите закани за животите на припадниците на меѓународните сили задолжени за зачувување на мирот во регионот.

Покрај благодарницата до земјите чии војници служат во мисијата УНДОФ, од Советот за безбедност е соопштено дека ОН ќе продолжи да им дава безусловна поддршка.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, исто така, ги осуди судирите на Голан и истакна дека истите претставуваат закана за прекинот на примирјето меѓу Сирија и Израел. Нагласувајќи дека жали поради информациите дека Австрија ги повлекува своите војници од УНДОФ, Бан ги повика сите членки на ОН да ја поддржат оваа мисија, бидејќи таа е клучна за спречување на пренесувањето на сириската криза надвор од границите на оваа земја.

Во составот на УНДОФ и натаму се наоѓаат 911 војници, а австрискиот контингент од 380 војници е најброен. Од Филипини се 341 војници, а 193 војници се од Индија.

Австрија, по усвојувањето на одлуката на Европската унија за укинување на ембаргото на увоз на оружје во Сирија, ја изрази својата загриженост за мирот во сириско-израелскиот пограничен појас и донесе одлука за повлекување на своите војници од ова подрачје.