1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„ОМО Илинден - Пирин“ протестира пред Европскиот парламент

Партијата на Македонците во Бугарија „ОМО Илинден-Пирин“ денес и утре држи протестен собир пред Европскиот парламент и Советот на Европа поради нецелосно исполнување на одлуките на Европскиот суд за човекови права.

default

Протести поради тоа што „одлуките на Европскиот суд за човекови права не се почитуваат целосно“

Околу 100 членови од нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија, „ОМО Илинден - Пирин“, протестираат пред главниот влез на Европскиот Парламент во Стразбур. Нивниот протест е организиран со цел да укажат и да го привлечат вниманието на европските политичари дека Бугарија не ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права во врска со македонското малцинство.

Протестот во Стразбур, на „ОМО Илинден-Пирин“ се одржува непосредно пред расправата во Комитетот на Министрите на Советот на Европа за тоа како Бугарија ги спроведува предметите „ОМО Илинден“ и „ОМО Илинден - Пирин“. Парламентарното Собрание на Советот на Европа пред неколку дена, уште еднаш повтори дека сите четири предмети не се целосно спроведени од страна на Бугарија и дека тие треба внимателно да се следат.

Ваквата позиција на паневропската асамблеја многу се разликува од последната одлука на Комитетот на министрите и пред се‘ желбите на Бугарија - да се затворат како „решени“ до крајот на годинава сите четири предмети и покрај тоа што партијата на Македонците во Бугарија се‘ уште не е регистрирана.

На протестот пред зградата на ЕП ќе се придружат и европратеници

Во одлуката донесена во јуни, Комитетот на министрите го нарече „интересен“ фактот што повторно одбиената регистрација на ОМО Илинден-Пирин веќе не се темели врз истите оправдувања поради коишто беше поништена нејзината регистрација. Притоа, беше изразено и задоволство околу декларациите на бугарската влада која не гледа пречки поради кои организацијата на македонското малцинство во Бугарија не би можела да се регистрира како политичка партија, под услов, ако ги почитува формалните законски барања за политичка партија.

На протестот пред зградата на Европскиот парламент, организирана од македонците од Бугарија, ќе им се придружат и европратеници, претставници на Европската слободна алијанса, чија членка, иако не е регистрирана, е и партијата „ОМО Илинден-Пирин“.


Протестот продолжува во вторник (15.09.2009), пред зградата на Советот на Европа, каде неделава заседава Комитетот на министрите на Советот на Европа, на чиј дневен ред покрај другото, ќе расправа и за спроведувањето на одлуките на Судот за човекови права во повеќе земји, меѓу кои и за случајот на „ОМО Илинден – Пирин“ од страна на Бугарија.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска