1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ОМД бара од Меркел признавање на уставното име на Македонија

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) испратила писмо до германската канцеларка Ангела Меркел, во кое од неа се бара признавање на уставното име на Република Македонија. ОМД посакува и средби со германската влада.

Во писмото до германската канцеларка Ангела Меркел испратено во петокот (22.11.) се потенцира дека „времето за бесцелни преговори е поминато и се бара од германската влада да ја признае Република Македонија под уставното име“, информира ОМД. Македонската дијаспора бара германската влада да застане на страната на македонскиот народ, „кој веќе доволно е неправедно третиран со наметнатиот спор за името“. Според ОМД, спорот за името „има задача да маскира поважни прашања како што се човековите права на Македонците во Грција“, а како потврда за тоа се наведуваат извештаи од ОН и Хјуман рајтс воч, во кои се регистрираат прекршувања на човековите права на Македонците во Грција.

Во писмото до Меркел ОМД посочува непринципиелност на јужниот македонски сосед и се наведува дека и покрај постигнувањето на Привремената спогодба, промената на државното знаме и уставот на Република Македонија, „Грција продолжува да ја прекршува таа спогодба и ја игнорира пресудата на Меѓународниот суд на правдата“. ОМД и’ пишува на Меркел дека „преку овие неиспочитувани договори се покажува дека Грција има за цел да ја уценува Република Македонија да го промени своето уставно име и идентитет“.

ОМД ѝ е благодарна на Меркел за „нејзината ангажираност за Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија“ и за „принципиелноста на Германија кон Македонија“.

Германија е претпазлива во спорот за името

Повод за испратеното писмо до Меркел била нејзината неодамнешна средба со медијаторот Метју Нимиц. (насловна фотографија). Еден од претставниците на ОМД во Германија, Гоце Пероски, кој во Германија работи во Институт за меѓународна едукација, за Дојче веле објаснува дека ОМД смета оти е значајно германската канцеларка Меркел да биде запознаена со ставовите на македонската дијаспора. Тој вели дека и досега ОМД имала комуникација со германската влада, во која се барало признавање на уставното име на Македонија. Пероски вели дека поради тоа што „германските институции се обврзани да одговорат на секое писмо“, германската влада одговарала на претходните дописи, а содржината на тие одговори била дека „треба да се најде решение за името. Германија ја има признато Македонија под привременото име. Но, таа ќе го прифати договореното име“ меѓу Македонија и Грција.

Пероски ваквите одговори на германската влада ги оценува како нејзина претпазливост. Тој за Дојче веле информира дека претставници на ОМД во Германија сакаат да се сретнат со претставници на германската влада или, пак, германското Министерство за надворешни работи.

„Сметаме дека не е доволно само да се праќаат писма“, објаснува Пероски во разговорот за Дојче веле, и додава дека на тие средби дополнително ќе биде објаснет ставот на македонската дијаспора.

А, ОМД смета дека преговорите за името не треба да продолжат и ЕУ да најде начин како Македонија да стане членка на нејзиното семејство.