1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Олимпијада: Гејтлин го симна Грин "од тронот”

Човекот што го победи Грин: новиот олимписки шампион на 100 метри Џастин Гејтлин

Човекот што го победи Грин: новиот олимписки шампион на 100 метри Џастин Гејтлин

Синоќа на олимпијадата едно од големите финалиња во атлетика: Американецот Џастин Гејтлин е победник во трката на 100 метри со резултат од 9 секунди и 85 стотинки – најдобро време во светот годинава. Франсис Обиквелу од Португалија го освои сребрениот медал заостанувајќи само за една стотинка зад победникот, но со нов европски рекорд. Шампионот од Сиднеј Морис Грин е трет. По победата Гејтлин вака ги опиша своите чувства: “Неколку работи ми минаа во моите мисли. Прво си помислив – ау, ова е потешко отколку да се истрча трката. Бев толку заморен од тоа. Но, енергијата дојде од луѓето – сакав да го допрам секого од нив, секому да му ја стегнам раката, зашто ме поддржуваа. Знаете, луѓе од Америка долетаа само за да ја видат оваа трка – тоа многу значи. Јас сакав само да им возвратам, имав добра трка, испишував историја” – рече Гејтлин.

Јапонката Мизуки Ногучи е победник во женскиот атлетски маратон трчан на историската патека од Маратон до Атина. Швеѓанецот Стефан Холм го освои златниот медал во скок во височина со 2.36 метри, неговиот сонародник Кристиојан Олсон пбеди во трискок со 17,79 метри. Германските претставници во обете дисциплини не ги минаа квалификациите. Во кладиво златен медал за Унгарецот Адриан Анус. Поранешниот светски првак Карстен Кобс заврши на 9-тото, а Маркус Есер е 12-ти.

Чилеанскиот тенисер Николас Масу оствари нов подвиг: по златниот медал во игри на двојки, 20-ина часови потоа го освои истиот трофеј и во поединечните натпревари со победа во пет сетови против Американецот Марди Фиш. Бронзениот медал во саботата, пред финалето во двојки, го освои Фернандо Гонзалез, сонародник на Масу и негов партнер во дубл. Нивниот подвиг, но и драматичното финале во машки двојки се меѓу настаните што ќе се памтат од оваа олимпијада. Николас Кифер, кој во тандем со Рајнер Шитлер го освои сребрениот медал, секако нема да ги заборави моментите од Атина: “Се разбира, прекрасно е да се има сребрен медал – колку често имам таква можност? Но, ова е брутрално, никогаш не би помислил дека е можно. Отсекогаш ми беше сон да освојам медал, сега го имам сребрениот и секако можам да бидам горд на тоа...Но, бев толку близу до златниот... поблизу не може ни да се биде. Ова едноставно е несфатливо” – не можеше да се соземе Кифер по четирите неискористени меч-топки во четвртиот сет и водството од 3 спрема 1 во петтиот.

Вчера германскиот женски четверец – скул го освои златниот медал. Веќе на петте олимпијада последовно во оваа дисциплина победуваат германските претставнички, во што Катрин Борон има значителен удел: “Четврти златен олимписки медал – тоа беше голема цел, сметам за сите, и за другите на кои ова им е веќе втор. Единствен подвиг е кога може такво нешто да се повтори”. 34-годишната Борон е најуспешна веслачка на светот – покрај четирите олимписки злата, таа има и осум титули светски првак.

Германските мечувалци Даниел Штригел, Јерг Фидлер и Свен Шмид го освоија бронзениот медал во екипните натпревари во дисциплината меч со победа од 8 поени разлика против светскиот првак Русија. Претходно во драматичен дуел тие беа совладани од Франција со 45 спрема 44, иако има водство од 44 спрема 43. Франција потоа го освои златниот медал во дуелот против Унгарија. Мечувалците ја завршија олимпијадата во Атина со еден сребрен – на женскиот тим во меч и еден бронзен медал за машкиот тим во истата дисциплина: полош биланс отколку во Сиднеј, подобар од Атланта.

Германските ракометари се третопласирани во групата, откако Унгарија ја победи Грција со 26 спрема 22, па Кречмар и останатите во вторник ќе играат во четвртфиналето против Шпанија. Одбојкарките, пак, не влегоа во четвртфиналето: судбината им зависеше од Кубанките, а тие загубија од САД со 3 спрема 0, па Германките “извисија”, а Американките врз основа на подобра сет-разлика се пласираа за понатамошните натпревари.

Германија дефинитивно остана без златените медали во јавање – војничка програма екипно и поединечно

Така реши Меѓународниот спортски суд по жалбите на Франција, Велика Британија и САД. Бетина Хој направи грешка: таа мина преку стартната линија, и бидејќи на семафорот не беше покажано времето, направи мал круг и се врати повторно на стартот. Кога по втор пат ја мина стартната линија почна да тече и времето. Еден од судиите на патеката очигледно имаше проблеми со мерењето на времето, сепак пресудна испадна нејзината грешка што минала двапати преку стартната линија. Хој со својот коњ Расти потоа без грешка ги прескокна сите пречки во рамките на дозволеното време и и‘ го донесе на Германија првото место екипно, а оствари и најдобар поединечен резултат. Но, на борилиштето има два паралелни мерни система, првиот автоматски, и тој го регистрирал времето од првото пречекорување на стартната линија, вториот рачно, од судијата, според кој Хој оствари најдобар резултат. Поднесувачите на приговорот се повикаа на првото време од автоматскиот систем, според кое испаѓа дека Бетина Хој всушност за 10 секунди го пречекорила дозволеното време за совладување на сите пречки и со тоа таа поединечно е дури на 9-то место, а Германија екипно 4-та. Судот на Меѓународниот олимписки комитет решението за одземање на медалите на Германците го донесе од формални причини - раководството на натпреварувањето, а не Меѓународниот сојуз за коњички спорт било надлежно да пресуди, а раководството во првичното решение и‘ додели на Хој 14 казнени бодови, што беше пресудно Германија да падне на 4-тото место. “Она што го предизвикува сиот мој бес, сета моја лутина, е дека погрешното однесување и недоволната компетенција на функционерите потоа стануваат видливи на товар на спортистите. Тоа е скандал” – вели гроф Ландсберг-Вилен, потпретседател на Германскиот национален олимписки комитет и еден од најискусните функционери во коњичкиот спорт.

Бетина Хој во авион на пат кон татковината дозна дека ќе остане без обата златни медала: “Горко е да се загуби медалот поединечно, но страшно ми е жал за тимскиот медал, за другите натпреварувачи, зашто тоа се случи по моја вина, односно по вина на жирито, кое навистина направи очигледна грешка, за која сега јас, односно ние, мора да останеме со празни раце – тоа е веќе многу, многу горко”.

Формално правно можеби е решението на место, но тоа е тешко сврзливо со принципот на фер-плеј, бидејќи Бетина Хој со својата грешка не обезбеди некаква предност за себе, а во натпреварот таа и нејзините колеги беа подобри од Французите и другите конкуренти. Оттука, и идејата за соломонско решение: двоен златен медал – и за Франција, како и за Германија. “Мора да е можен фер-плеј за да се поправи тој неверојатен случај на надоврзување на синџир од грешки во постапките. Ми паѓа на памет само еден пат – Французите да бидат како втора екипа прогласени за олимписки победници. Не прифаќам златниот медал да ни биде оттргнат од вратот како на некој откриен допинг-грешник” – рече Хинрих Ромајке, портпарол на германскиот тим. Но, прашање е дали Меѓународниот олимписки комитет би се решил на таков чекор.

Два златни трофеја загубени со судиско решение, но на ист начин еден бронзен медал за Германците е претворен во сребрен

Победничката во фрлање ѓуле, Русинката Ирина Коржаненко, денеска е дисквалификувана откако е откриено дека користела допинг, па Германката Надин Клајнерт сега може да му се радува на сребрениот олимписки трофеј. На Коржаненко и‘ се заканува доживотна забрана за настап, бидејќи и порано – на европското првенство во сала пред 5 години, исто така беше откриена како корисник на допинг и беше суспендирана на две години. Во последните 10 години во фрлање ѓуле на големите светски манифестации речиси половината од осовјувачите на медали беа дисквалификувани поради користење допинг.

Друг спорт кој е особено загрозен од допинг е кревањето тегови: вчера поради допинг му е озречена дисквалификација и на грчкиот претставник Леонидас Сампанис, освојувач на бронзен медал во категоријата до 62 килограма.

Германскиот министер за внатрешни работи Ото Шили е задоволен од остварувањето на германските олимпијци

Ото Шили, кој е надлежен и за врвниот спорт, за досега оствареното во Атина рече: “Ние во моментов сме на 6-то место со 29 медали. Сметам дека веќе тоа е едно многу зрело остварување, иако во некои спортови не ги остваривме сосем успесите што ги очекувавме. На пример, во веслање кај мажите не е токму она што го сакавме, во пливање исто така, и покрај забележливите успеси. Но, имаше изненадувачки успеси во други дисциплини – таков е спортот”.

Шили ги отфрли критиките за досегашниот биланс на медали на германските олимпијци: “Ја сметам критиката за сосем неумесна. Мислам дека спортистите заслужуваат голема пофалба и признание за она што го остварија овде и не треба сето сега да се мери со милиметар” – речер Шили изутрината за германската телевизија.