1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Олимпијадата успешна, мал резултатски прогрес на Македонија

Македонија го имаше петтото учество на Зимските олимписки игри. Се разликуваше ли од претходните? За импресиите од Сочи за Дојче веле зборува Владимир Богоевски, спортскиот директор на Македонскиот 0лимписки комитет.

„Во Сочи Македонија направи резултатски прогрес во однос на претходните Олимпијади. 29-то место во слалом на Антонио Ристевски е најдобриот досегашен пласман на еден Македонец на Зимските олимписки игри. Впрочем, од него се очекуваше да биде најдобро пласиран наш олимпиец. Тој ја искористи шансата за место меѓу првите 30-мина на исклучително тешката слаломска патека, која голем број од натпреварувачите не успеаја да ја минат.“

Македонија имаше уште двајца натпреварувачи во нордиското трчање. Дарко Дамјановски кој настапи со исполнета А норма и Марија Коларовска со Б норма?

„Дарко Дамјановски беше 78-ми во спринтот, а на 81-то место на 15 километри класично.Трката на 50 километри не ја заврши. Ова беше трето негово учество на Олимписките игри без некаков резултатски прогрес. Нормите за учество се такви какви што се. Ранкингот кој тој го има во скијачкото трчање, а тоа е 935-то место во моментов, за нас беше показател за објективните резултатски можности. Коларовска во единствениот свој старт стигна 74-та на 10 километри. Но, таа е исклучително млада натпреварувачка. Целта ни беше да и‘ овозможиме настап на едно големо натпреварување, за да се здобие со искуство кое може да и помогне во натамошната кариера.“

Малку шанси за излез од маргиналноста

Може ли наскоро да се сменат состојбите во зимските спортови. Богоевски смета дека тешко е да се очекува Македонија наскоро да почне да излегува од маргиналноста која се повторува секоја четврта година.

„Зимските спортови кај нас се на многу ниско рамниште. Во догледно време не гледам можност за излез од состојбата која што е. Освен Антонио Ристевски кој напредува, нема на повидок натпреварувач кој ветува. Во алпското скијање блиску до Ристевски е и Дардан Дехари, така што во овој спорт работите изгледаат подобро во однос на нордиското трчање. Таму Дамјановски полека си заминува, а наследник нема. Македонскиот олимписки комитет може да помогне, но не може да влијае врз состојбите во овие спортови. На скијачката федерација е да се обиде да ги смени нештата!“

Vladimir Bogoevski

Владимир Богоевски

Одлична организација на Игрите

Каква е сликата од Сочи, која ја понесува Владимир Богоевски?

„Според мене ова беше одлична Олимпијада. Се‘ што се случуваше беше на високо рамниште. Со ништо овие Игри не заостанаа зад оние во Ванкувер пред четири години. Единствениот проблем, а врз кој организаторот не можеше да влијае беа високите температури, кои создаваа проблем со одржувањето на патеките. Точно е дека за Игрите се вложени огромни суми, но мислам дека останува фантастична инфраструктура. Тоа е инвестиција за иднината, која на Сочи му отвора нови можности за туризам во текот на целата година. На мал простор се морскиот брег и скијалиштата на Кавказ. Пред почетокот обезбедувањето беше една од горливите теми. Не почувствувавме никаков проблем во текот на Игрите. Што е најважно во олимпиското село каде што беа сместени спортистите,немаше некакво ’круто’ обезбедување.“

Москва 1980 и Сочи 2014

Богоевски како спортист беше учесник на Олимписките игри во Москва во 1980. година. Вели дека Москва 1980 и Сочи 2014 година не можат да се компарираат:

„Меѓу Летните олимписки игри и Зимските постои голема разлика. Пред 34 години олимпијадата во Москва беше организирана во земја која сакаше да го промовира својот политички систем пред светот. Тоа беше време на голема политичка затегнатост, на бојкотот на САД заедно со голем број од членките на НАТО. Бојкот кој направи Игрите да бидат нецелосни. Сочи беше промоција на Русија денес. Заедничко за двете Олимпијади е што државата стоеше зад огромните инвестиции во Игрите,“ вели Владимир Богоевски, спортскиот директор на МОК во разговорот за Дојче веле.