1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Олимпијадата, следен предизвик на Антиќ

Перо Антиќ, деновиве во Скопје и’ се приклучи на македонската кошаркарска репрезентација, која ги започна подготовките за олимписките квалификации во Каракас.

default

Кaпитенот Перо Антиќ не сака да го прогнозира исходот од квалификациите за Олимписките игри

Перо Антиќ е во Скопје, во препознатливиот домашниот амбиент. Зад себе има сезона за паметење, започната во Литванија во дресот на Македонија, а завршена со европската и грчката титула во дресот на Олимпијакос. Сега е на почетокот на подготовките за предизвикот, чија крајна цел се учество на Македонија на Олимписките игри во Лондон. Вели, сево ова е како сон, кој би сакал летово да потрае.

„Врв на секој спортист на клупски план е да победи во Лигата на шампионите. Претходно ми се оствари на репрезентативен план еден од најдобрите резултати на македонската кошарка. Тој сон сакам да продолжи уште малку во текот на ова лето, кој би бил крунисан со пласман на Олимписките игри и заокружување на ова двегодишно успешно играње“, објаснува за Дојче веле кошаркарот Антиќ.

Радост со македонското знаме

Антиќ, по Петар Наумовски, е вториот македонски кошаркар, кој триумфирал во најелитното европско клупско натпреварување. Успехот Истанбул со Олимпијакос го прослави на теренот со македонското знаме на себе.

„Јас сум Македонец и тоа насекаде го носам. Кога го видов знамето кај еден навивач му го зедов, бидејќи свое не носев, му се извинувам за тоа. Знамето е кај мене дома. Го развив во Истанбул и никој не ми забележа за тоа, иако имаше многу грчки навивачи. Едноставно, сакав да покажам кому му го посветувам овој трофеј“, вели Антиќ.

Flash-Galerie Mazedonien Basketball Nationalmannschaft

Антиќ вели дека на екипата и’ пренел тимски дух. „Бо Меккејлеб едвај чека да се види со другарите“, вели Антиќ.

Новиот императив со кој се соочува се квалификациите за учество на претстојната Олимпијада.

„Со студени глави треба да почнеме, како што беше на Европското првенство, каде што најнапред сите не’ отпишаа како аутсајдери. Сега поинаку се гледа на нас. Народот очекува да ја искористиме оваа последна шанса за пласман на Олимпијадата. Треба да одиме од натпревар до натпревар. Имаме и повеќе млади играчи, кои се големи таленти, што многу ме радува. Тие се нашата иднина, кои ќе не’ наследат нас постарите. Треба да ја задржиме хемијата која владее во екипата и да настојуваме да постигнеме успешен резултат“, вели капитенот Антиќ.

Македонија во групната фаза од квалификациите ќе игра против Ангола и Нов Зеланд. Прогнозите се дека битката за трите билети што водат во Лондон ќе ја бие европската четворка: Македонија, Русија, Литванија и Грција. Антиќ не ги сака прогнозите.

„Верувам дека ќе биде така. Барем според објективниот квалитет на екипите. Но, најмногу што сум мразел во кариерата било да давам прогнози, да правам анализи или да предвидувам кој ќе победи. Едноставно, сакам од натпревар во натпревар да дадеме се’ од себе, колку што е возможно, а нека победи тој што е подобар“, смета Антиќ.

Flash-Galerie Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen

Македонските граѓани се надеваат дека кошаркарите ќе бидат првите македонски олимпијци во екипните спортови

Тимскиот дух и натаму останува силен

Македонија, хитот на Европското првенство во Литванија, покрај кошаркарската моќ и умеење ја красеше и извонредната атмосфера. Останува ли и натаму, тој препознатлив тимски дух?

„Тоа е таа хемија, која јас како капитен ја наследив од постарите и сега ја пренесувам на помладите. Тоа сите го прифатија, особено помладите дека во овој тим не може да има ѕвезди. На пример, Бо Меккејлеб, кој е еден од најдобрите европски кошаркари, доаѓа тука и едвај чека да се види со другарите. Во прв план му е другарството“, објаснува Перо Антиќ.

Квалификациите во Венецуела се од 2 до 8 јули. Македонската спортска јавност е со убави очекувања - кошаркарите да бидат првите македонски олимпијци од екипните спортови.

Поврзана содржина