1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Олимпијадата заврши, Македонија резултатски маргинална

Олимпијадата во Лондон заврши. Од 204-те земји учеснички дури 85 Игрите ги завршија со освоен медал. Македонското учество резултатски беше маргинално.

На синоќешниот церемонијал на свеченото затворање, во дефилето, македонското знаме го носеше атлетичарот Кристијан Ефремов. Честа ја заслужи со настапот во трката на 400 метри,во која постигна личен рекорд. Останатите тројца олимпијци, Симона Маринова, Марко Блажевски и Христина Ристеска беа далеку од своите најдобри остварувања.

Спортскиот директор на МОК Владимир Богоевски вака го оценува македонскиот настап:

„Македонската делегација ја сочинуваа само 4 спортисти и 4 тренери, двајца во атлетика и двајца во пливање. Знаевме дека одиме на Олимпијадата со скромни резултати, но нашата цел беше тие да ги постигнат своите најдобри резултати и да го оправдаат одењето на Олимпијадата. Морам да кажам дека од пливачите сме помалку разочарани. Бидејќи Марко Блажевски беше блиску до Б олимписката норма, но исплива под своите можности. За Симона Маринова знаевме дека е во еден пост –период по повредата која ја имаше. Се надевавме дека ќе исплива подобро, но тоа не се случи, повредата и‘ се врати за време на трката. Очигледно не беше доволно опоравена. Кога се работи за атлетичарите, Кристијан Ефремов и Христина Ристеска, мислам дека Христина трчаше под резултатот кој што го очекувавме. Тоа се должи и на нејзиното неискуство. А да учествува на Олимпијада, за неа веројатно беше голем товар. Ефремов во Лондон беше нашиот најдобар учесник, подобрувајќи го својот најдобар резултат на 400 метри за околу 30 стотинки и со тоа тој го оправда своето учество“.

Македонија има десетина имиња од минатото со освоени медали. Во периодот од осамостојувањето само борачот Могамед Ибрагимов ја стави земјата на медал листата, со бронзата во Сиднеј. Еден од известувачите во Лондон беше долгогодишниот новинар и спортски работник, Зоран Михајлов:

„За еден новинар-известувач од олимпијадите најтешко е кога се наоѓа во инфериорна ситуација, а ние сакале или не, сме во таква ситуација. Кошаркарите, ракометарите, ватерполистите не успеаја да се квалификуваат , па дојдовме во ситуација да известуваме за спортисти, кои учествуваат со вајлд-карта. Од нив практично не можеше ништо да се очекува. Така ние бевме обични регистратори на нивните резултати, а повеќе посветувавме внимание на остварувањата на спортисти од други земји. Не можам да го споредам ова време со некогашното, кога ги имавме Шабан Трстена и Шабан Сеиди со медали, потоа Аце Русевски, кошаркарите Благоја Георгиевски и Стојна Вангеловска. Конечно и последниот медалист на Македонија Ибрагимов во Сиднеј, навистина е сега тажно“.

Значењето на Олимпијадата е огромно

Олимпијадата е еден од најмоќните полигони за демонстрација на националниот идентитет. Се‘ повеќе малите средини спортскиот успех го користат за афирмација на државата. Михајлов го посочува примерот на малата Гренада, која има свој олимписки шампион:

„Значењето на Олимпијадата не може да се опише. Огромно е! Замислете како се чувствуваше на пример една мала Гренада, кога нивниот атлетичар Кирани Џејмс го освои златниот медал на 400 метри! Нема мали и големи земји, туку има само сфаќање за третманот на спортот во државата. Ако многу помали средини од нашата издвојуваат средства, треба да бидат пример. Прекрасно е да се има свој победник пред илјадниците гледачи на борилиштето и милионите покрај ТВ екраните“.

Mazedonien Sportdirektor Olympisches Komitee

Владимир Богоевски

Владимир Богоевски е со став дека државата треба многу повеќе да инвестира во спортот:

„Секоја држава прави напор со што поголем број спортисти да учествува на едно вакво големо натпреваување. Ние, како МОК вложивме голем напор да обезбедиме 10 олимписки стипендии, меѓутоа , од нив само двајца беа присутни во Лондон. Тоа знам дека не е доволно и сите ние треба да се запрашаме зошто е тоа така. Спортот постојано покажува дека е огромна реклама за секоја држава. Тука видовме дека мали земји, на пример Црна Гора со само 650 илјади жители има медал и сите зборуваат за неа. Да не зборуваме за спортските гиганти САД, Кина, Русија, Велика Британија, кои собраа најмногу медали. Мислам дека самата држава треба да се замисли, бидејќи ефектот би бил огромен не само за спортистите како индивидуален успех, туку и за самата држава“, вели Владимир Богоевски.