1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Олимпијадата главен приоритет на кошаркарите

Именувањето на Марјан Лазовски за нов селектор, во македонските кошаркарски кругови се толкува како решение очекувано и логично по заминувањето на Марин Докузовски.

default

Марјан Лазовски

Марјан Лазовски е афирмирано кошаркарско име.Тренер, подолго инволвиран во работата со македонските национални селекции. Им беше десна рака на Арсиќ и Докузовски, селекторите кои ја водеа Македонија на последните две Европски првенства во Полска и во Литванија. Лазовски е свесен за тежината на моментот во кој ја превзема раководната палка.

„По заминувањето на Марин Докузовски, можеби таков беше следот на нештата, јас да ја превземам палката на кошаркарската репрезентација на Македонија.Товарот е голем, но и честа и обврските се такви, што е задоволство да се биде селектор на репрезентација која од година на година бележи се подобри резултати.“

Против Ангола и Нов Зеланд со респект

Со првите денови од селекторскиот мандат, Лазовски ја доби и главната тема за размислување. Ангола и Нов Зеланд, првите два противника на Македонија во квалификациите за Олимпискките игри на почетокот на јули во Венецуела. Жрепка, за која може да се каже дека беше посакувана.

„Ангола е репрезентација со настапи и на светско првенство и на олимписки игри. Нов Зеланд е во континуитет во квалификациите за големите натпреварувања. Тоа се репрезентации кои не делуваат атрактивно, но кои се исклучително квалитетни, па така и треба да се третираат.“

Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen

Лестер Бо МекКејлеб

Одличната физичка подготвеност беше еден од темелите на успешноста на македонската репрезентација. Лазовски очекува слични подготвителни услови.

„Кошаркарската федерација на Македонија за секое првенство обезбедува максимални услови за работа. Планираме подготовки во Литванија, Канада и во Доминиканска Република. Обезбеден е оној оптимум од 6-7 подготвителни натпревари. Договорени се веќе мечевите со Литванија и Русија во Литванија, потоа два пријателски натпревари со Канада во Торонто. Се надевам дека овој фонд на мечеви ќе е доволен.“

Без поголеми измени во тимот

Околу селектирањето на тимот за Венецуела, Лазовски вели дека нема причина ниту простор да се разликува во однос на оној од Европското првенство.

„Изборот не е преширок. Од аспект на високите играчи на позицијата 4 и 5 покрај Гечевски, Чековски и Самарџиски и Антиќ, тука се и Кире Николовски и најверојатно Бојан Трајковски. На Европското првенство во Литванија во овој сегмент бевме дефицитарни со неиграњето на повредените Николовски и на Гечевски во завршницата. Планирам, евентуално вклучување на некој млад играч и на бековските позиции. Се’ ќе биде појасно со почетокот на подготовките.“

Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen

Марјан Лазовски, 49-годишниот нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија со работен елан и олимписки сништа, се соочува со големиот предизвик пред себе.

„Се надевам дека и натаму ќе се радуваме на успесите на репрезентацијата. Дека продолжение на успехот од Европското првенство ќе бидат квалификациите во Венецуела и конечно и учество на Олимписките игри“, заклучува селекторот Лазовски.

Автор: Златко Калински

Редактор: Борис Георгиевски