1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Олимписката преобразба на Сочи и нејзините жртви

Сега, кога на долгиот олимписки марш му се гледа крајот, очебијна е преобразбата на некогаш живописното одморалиште. Остварувањето на рускиот олимписки сон, меѓутоа, значеше и кошмар за голем број жители на Сочи.

Целосен надзор спроти олимпијадата, планините околу Сочи се зона на највисока безбедност. Во акција се десетици илјади војници и полицајци. Со камери се контролира целиот град. Голем е стравот од терористички напад.

Најголемиот дел од населението во Сочи и околината има други грижи. Љуба Фурса и нејзиното семејство порано одгледуваа овошје и зеленчук. Овдешната суптропска клима е идеална за тоа. А потоа дојде олимпијадата и Љуба со семејството мораше да се пресели. Своето земјиште од околу 700 квадратни метри мораше да го отстапи за олимпискиот парк.

„Порано беревме плодови пет пати во годината: компир, ротквици, моркови, цвекло... Некои дури засадија кикирики. И, секако, краставици и домати“ , се жали Љуба.

Ljuba Fursa

Љуба Фурса

Во Сочи веќе ништо не е како порано. Откако овој град меѓу Црното Море и Кавказ е избран за домаќин на годинашните зимски Олимписки игри, се гради насекаде - иако регионот е на листата на светско природно наследство на УНЕСКО.

Олга Насковјец, активистка за заштита на животната средина, веќе со години следи како се сечат некогаш заштитените стебла. Исечени се стотици. Во планините на Кавказот, пак, е отворен каменолом. Се' за Олимпијадата. Насекаде настанале нелегални депонии за многу отровен градежен шут, вели Олга. И каменоломот е една од нив.

„Најголемата опасност допрва ни претстои. Овие карпи се како сунѓери и се' што ќе се донесе тука во каменоломот, преку подземните води ќе стигне до реката Мзимта, која тече долу и го снабдува градот со вода за пиење. Порано беше потполно чиста, но сега за жал е многу загадена“, истакнува Олга Насковјец.

Во каменоломот се работи со полна пареа, а стражари го чуваат дури и приодот за теренски возила. Колку е голема опасноста од тероризам потврдуваат и најновите напади во Волгоград. Во Волгоград кон крајот на минатата година двајца бомбаши-самоубијци усмртија над триесет луѓе. Оваа опасност не е ништо ново, истакнува активистката за човекови права Светлана Ганушкина.
Во Русија постојано има вакви напади. А властите отсекогаш сметаа дека тие се дело на исламистички бунтовници од северниот Кавказ и против нив преземаат остри мерки.

Меѓутоа тоа само поттикнува ново насилство. Светлана Ганушкина има критички став за заострените контроли: „Тоа воопшто не ги импресионира терористите. Како што знаеме, тие имаат доволно пари да поткупат кој било полицаец, оти се корумпирани од глава до петици. Освен тоа, можат да добијат и легални документи - и за тоа имаат доволно пари.“

Жителите на Сочи на почетокот се надеваа дека Олимписките игри ќе им донесат подобар живот: нови улици и приклучоци за плин и водовод за секој дом. Меѓутоа, сега дури и бунарите им пресушија.

Организаторите на Игрите ги отфрлаат приговорите на екологистите.

„Фантастичното е дека тука пред само 4 години немаше ништо, а сега ги имаме овие чудесни писти и спортски борилишта во овие прекрасни планини. Тоа воопшто не може да се споредува со претходните Зимски олимписки игри.“, вели Ив Димие од Организацискиот комитет на ЗОИ во Сочи.

Меѓу скијачките писти во планините и стадионите на морскиот брег изградени се нов пат и пруга специјално за првите зимски Олимписки игри во Русија, кои ќе започнат по неполни две недели, под строг надзор со камери, беспилотни летала, специјална полиција и патролни бродови.