1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Олигарсите треба да крварат за Кипар

Планираниот принуден данок на депозитите во кипарските банки предизвика гнев кај руската елита. Олигарсите кои ги чуваат своите милијарди на островот истотака ќе мора да го платат еднократниот данок.

Руското раководство е револтирано: „Нефер, непрофесионално и опасно“ е планираното принудно оданочување на банкарските клиенти во Кипар, порача портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин. Премиерот Дмитри Медведев додаде дека на постапката гледа како на експропријација. И на берзата во Москва можеше да се почувствува ехото на случувањата во средоземноморската земја. Курсевите на акциите на двете водечки руски банки ВТБ и Сбербанк вчера загубија околу пет проценти на почетокот на тргувањето на берзата. Според медиумските извештаи овие две банки на сметки во Кипар имаат депонирано повеќе од десет милијарди американски долари.

Сигурно пристаниште за руските милијарди

Sberbank in Moskau

Седиштето на Сбербанк во Москва

Кој сака да ги разбере реакциите од Русија, потребна му е само една бројка. 78,2 милијарди долари. Точно толку пари, според податоците на руската статистичка агенција Росстат инвестирал Кипар во Русија во 2011 година. Тоа е речиси трипати повеќе отколку Германија. Малата држава членка на ЕУ во Средоземното Mоре е водечки инвеститор во Русија и покрива речиси половина од вкупните странски инвестиции. „Тоа се разбира не се кипарски пари“, вели Хајнрих Штајнхауер. Станува збор за „руски пари кои се реинвестираат преку Кипар“, објаснува раководителот на филијалата на германската покраинска банка Хелаба во Москва.

Кипар со неговите ниски даночни стапки е „важна станица за руските капитални текови“, вели пак Ханс Хенинг Шредер од Фондацијата за наука и политика од Берлин. „Таму парите ги носат на сигурно и вон дофатот на руската држава“, објаснува експертот.

Шредер мисли на луѓето кои во постсоветските држави се нарекуваат „олигарси“. Еден од нив се вика Алишер Усманов. Економскиот магазин „Форбс“ и агенцијата Блумберг во 2012 година го прогласија Усманов за најбогат човек во Русија. Неговото богатство се проценува дека изнесува меѓу 17,5 и 20 милијарди американски долари. Усманов, парите, меѓу другото ги заработува во металургијата. Фирмата „USM Steel & Mining Group Ltd.", со која Усманов прерасна во крал на железото во постсоветскиот простор е регистрирана на Кипар.

Alisher Usmanov

Најбогатиот човек во Русија, Алишер Усманов

Пред се’ едноставната законска инфраструктура е она што го прави Кипар атрактивен за Русите, вели банкарот Штајнхауер. „Можат лесно да се основаат фирми, инвестициски фондови, холдинзи, преку кои потоа се спроведуваат инвестициски активности во Русија“, вели тој.

И Украина е погодена

Русија не е единствен пример. И во соседна Украина олигарсите милуваат нивните пари најнапред да ги префрлат во Кипар за од таму повторно да инвестираат во татковината. Слично како и во Русија, Кипар со години наназад е убедливо најголем странски инвеститор во Украина. Во 2011 година беа повеќе од 10 милијарди долари, велат податоците на украинската статистичка агенција Дершкомстат. Тоа е една петина од вкупните странски инвестиции во оваа поранешна советска република.

Обратно погледната сликата е уште појасна. Повеќе од 90 проценти од вкупните украински инвестиции во странство во 2012 година заминале во насока на Кипар.

Кипарскиот министер за финансии во Москва

Има уште една причина зашто Русија со посебно внимание ја следи состојбата на Кипар. Во 2011 година владата во Москва му издаде кредит на Кипар во вредност од 2,5 милијарди долари со рок на исплата од четириипол години. Овој рок Кипар со задоволство би го продолжил.За ова според руските медиуми, во понеделникот (18.03.2013) во Москва сакал да разговара кипарскиот министер за финансии Михаелис Сарис. Меѓутоа посетата е одложена за утре.

Одлуката за продолжување на рокот за исплата на кредитот сега треба да биде донесена со планираното принудно оданочување на банкарските депозите на Кипар во заднината. „Внимателно ќе ја следиме состојбата“, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов.

Нови одредишта за рускиот капитал?

Германскиот банкар Хајнрих Штајнхауер верува дека Кипар и по спорниот спасувачки пакет ќе остане атрактивен за олигарсите од источна Европа бидејќи не верува дека властите во Никозија доследно ќе се спротистават на таквиот развој

Берлинскиот експерт за Русија, Шредер е поскептичен: „Ако Кипар во иднина подлежи на попрецизен финансиски надзор и повеќе не е „ сигурно пристаниште“ како досега тогаш би можело да се случи руските и други вложувачи да се префрлат на други места“, вели Шредер. Во иднина руските капитални текови би можеле да се одвиваат не преку Кипар туку преку Холандија, Австрија или други „даночни оази“ како на пример британските Девствени острови, смета Шредер.