1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Олдтајмери - нова страст за старото железо

Во Европа олдтајмерите се повторно во мода. Само на германските патишта се возат повеќе од 230 илјади. Оваа бројка е за 11 насто поголема отколку во 2012. година.

Растечката популарност на олдтајмерите се објаснува и со ниските камати на штедните влогови. Уметнички дела или луксузни кујни - се’ едно, материјалните добра во моментов уживаат голема популарност, а тоа се однесува и на олдтајмерите.

Во лимарскиот сервис на Јанош Хумел под покривка се крие Мерцедес 11 купе од 60-те години. Автомобилот е многу ’рѓосан. На лимарот ќе му бидат потребни седум недели за сѐ да доведе в ред. Насекаде има дупки, а за да ги затвори овој стручњак за каросерии од Унгарија сече и витка парчиња лим, кои потоа ќе ги завари.

„Секој ден добивам нешто ново за работа и таа не е здодевна, ама е навистина тешка работа. Секој ден водам војна со лимот, но оди некако“, вели автолимарот Јанош Хумел.

И кога-тогаш возилата светнуваат со нов сјај. Во меѓувреме, во повеќе германски градови има олдтајмер-центри, како што има и во Берлин. Продавачи, работилници и резервни делови - под еден покрив. И, се разбира голем број убави автомобили.

Иво Концак го води овој центар веќе 9 години. Попатно тој продава и минијатурни модели за децата. И така стапува во разговор. Повеќето негови купувачи се вистински вљубеници во олдтајмерите.

„Тоа е вистинско возење. Имаш чувство дека сѐ е во твои раце. Нема технички помагала. Сѐ мораш да правиш сам. Тоа е техника во изворна форма“, вели Клаус Кирш, сопственик на олдтајмер.

Меѓутоа, последниве години Концак сѐ почесто го посетуваат и т.н. ловци на профит, кои олдтајмерите ги сметаат за добра инвестиција. И навистина, цените на некои модели во последниве пет години достигнаа вртоглави износи.

На пример, малиот модел 2ЦВ на Ситроен. Таканаречениот „спачек“ во моментов е толку баран во Германија, што веќе со години е на врвот на листата на возила со најголем пораст на вредноста.

Како добра инвестиција се покажа и Мерцедес 300 СЛ, чија цена во последните години порасна за речиси 50 насто и се приближува до сумата од еден милион евра. Само ретки имаа таква среќа.

„Помило ми е кога луѓето имаат емоционален однос кон возилата и не ги ги купуваат само поради парите. Имено, ако пропадне како инвестиција, сепак ми останува задоволството да се возам со автомобилот“, вели Иво Концак шефот на автосалонот „Класик Ремис“.

Вака размислуваат и мајсторите во сервисот „Олди тек“. Неговиот шеф Андреас Штајнхофер веќе 25 години се занимава со оваа работа и доживеал неколку падови на цените.

„Ни со најдобра волја не може да се предвиди како ќе се движи цената на некое возило во определен период. Има опасност цената да падне или воопшто да не расте“, вели Штајнхофер.

Ако не успеат да заработат пари, на вистинските фанови и натаму им останува можноста да уживаат во сировата техника без серво волани и АБС кочници. А, тоа воопшто не мора ни да биде скапо. Еден стар МГ (ем-џи) може да се купи за околу 10 илјади евра.