1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Олбрајт: „Добри пријатели можат да успеат“

Поранешниот државен секретар на САД Медлин Олбрајт во интервју за ДВ е оптимист дека ЕУ и Соединетите Држави би можеле повторно да изградат однос на доверба, и покрај шпионскиот скандал.

Акциите на прислушување од страна на американската тајна служба НСА уништија голем дел од довербата меѓу Европа и САД. Но, како таа повторно би можела да биде изградена? На покана на Волфганг Ишингер, поранешен германски амбасадор во САД и во меѓувреме претседател на Минхенската безбедносна конференција во Вашингтон, на оваа тема дискутираа високи по ранг политичари: експретседателскиот кандидат Џон МекКејн, членови од владата на претседателот Обама и поранешниот државен секретар на САД Медлин Олбрајт. Со неа разговараше дописникот на ДВ, Геро Шлис.

ДВ: Трансатланските односи ја достигнаа најниската точка по Ирачката војна. Како гледате на тоа?

Медлин Олбрајт: Мислам дека е тоа несреќна околност. Од секогаш сум била голем приврзаник на евроатлантските односи. Ние сме природни партнери, си требаме едни на други, и се надевам дека сите контакти и односи ќе можат да бидат обновени. Покрај сѐ, ние имаме историја на доверба на едни со други и затоа во основа сум оптимист.

Дали бевте изненадени од размерите на шпионирањето? И дали знаевте за тоа додека бевте на позиција?

За тоа не знаев ништо. Но, во крајна линија сите ние знаеме дека земјите меѓусебно се шпионираат. Тоа не е ништо ново. Тоа го прават двете страни.

Можете ли да го разберете негодувањето во Европа за САД и владата на Обама?

Не, навистина не разбирам. Многу работи сега имаат и политички причини. И мислам дека многу од тоа има врска со технологијата, тоа е генерален проблем: Станува збор за тоа заеднички да ја дефинираме приватната сфера во една нова технолошка ера. Се надевам дека за тоа ќе водиме совесна дискусија, и ќе најдеме решенија.

Какви препораки имате за двете влади? Како би можеле претседателот Обама и канцеларката Меркел повторно да ја воспостават довербата?

Мислам дека имаме многу проблеми на кои мораме заеднички да работиме. Некои очигледно се од лична природа. Но, ние имаме опсежна заедничка агенда. Сигурна сум дека ова ќе успее. Притоа е важно да нема лицемерие. Дискусијата мора да биде водена во духот на заедничко разбирање. Добри пријатели можат да успеат во тоа.

Дали сметате дека Европејците привремено треба да ги прекинат договорите со САД, како што е банкарскиот „Swift договор? Или дали треба да бидат прекинати преговорите за заеднички трансатлантски пазар „TTIP“?

Не, дефинитвно не! Јас верувам дека овие договори се добри за сите. Договорот за трансатлантски пазар ќе биде важна спогодба, за Европа и за Соединетите Американски Држави.

Дали претседателот Обама треба да испрати сигнал во правец на Европа за да го олесни воспоставувањето на доверба? На пример едно јавно извинување?

Тоа нема да го коментирам. Мислам дека претседателот Обама веќе даде доволно изјави на таа тема.

Медлин Олбрајт беше Државен секретар на САД за време на претседателот Бил Клинтон од 1997-2001 година. Таа беше првата жена на ова функција. Во моментов е професорка за меѓународни односи на школата Волш за надворешна политика на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.