1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Оланд: Штедење по мерка

Во својот прв настап пред Европскиот парламент францускиот претседател, кратко пред самитот на ЕУ за буџетот до 2020 година, предупреди дека со ригидна политика на штедење се задушува порастот.

„Да се прават резови - да, но да се слабее стопанството - не!“, рече претседателот на Франција Франсоа Оланд пред Европскиот парламент во Стразбур. Тој ги предупреди европските пратеници од преголеми кратења на финансиската рамка на ЕУ до 2020 година. Оланд повторно се заложи за инвестиции во идниот пораст, иновации и нови енергетски форми. Освен ова, Европа не би требало да мирува, се’ додека секој втор млад човек бара работно место.

„Компромис е можен, но тој мора да биде разумен. Тој не смее да ги следи оние, кои сакаат да го ампутираат буџетот повеќе од она што е разумна мерка“, предупреди Оланд во неговиот говор во Стразбур. На ЕУ и’ се потребни доволно средства, за да може да ја реализира својата работа. „Во поинаков случај европската конструкција би била загрозена“.

Францускиот претседател повтори дека мора да се стават на располагање доволно средства за унапредување на послабите региони. Тој ги одбрани и издатоците за аграрната политика.

Во четврток и петок (07/08.02) на самитот на ЕУ треба да биде постигната согласност околу финансиската рамка на ЕУ од 2014 до 2020 година во волумен од околу илјада милијарди евра. Оланд најави дека со канцеларката Ангела Меркел ќе направат обид на средбата во среда вечер (06.02) во Париз да изнајдат можни компромиси. Двете земји се дел од т.н. нето плаќачи (овие две земји уплаќат повеќе во европските фондови отколку што примаат од нив, н.з.) во ЕУ. Самитот за буџетот на ЕУ изминатиот ноември пропадна.