1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Оланд: Должничката криза е завршена

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека должничката криза во еврозоната е завршена, но и оти во исто време се потребни чекори кои ќе го поттикнат растот и ќе ја зголемат конкурентноста на еврозоната.

Изјава за крајот на должничката криза во еврозоната францускиот претседател ја даде на средба со јапонски бизнисмени во Токио. Во говорот на последниот ден од неговата посета на Јапонија, Оланд истакна дека потенцијално деструктивната должничка криза послужи да се зајакне Европа и поттикна поголема интеграција на 17-те економии кои го користат еврото како своја валута. Тој рече и дека европските власти развиваат алатки со кои ќе се осигура поголема стабилност и солидарност, како што е широко распространетата „банкарска унија“ во Европа, а и буџетските правила.

„Она што вие овде во Јапонија треба да го сфатите е дека кризата во Европа е завршена. И, дека можеме да работиме заедно – Франција и Јапонија, за да отвориме нови врати за економски прогрес“, рече Оланд.

Иако должничката криза, која изби на крајот од 2009-та година, сега попушта, сепак економијата во еврозоната тоне во шест последователни квартали, а невработеноста достигна 12,2 проценти – највисока откако еврото беше воведено во 1999 година.

Оланд за време на посетата на Јапонија се заложи дека ќе помогне во постигнувањето договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Јапонија. Целта на неговата заложба е растот да биде одржкив и во двата региони.