1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ОКТА е еколошка кочница

Скопската рафинерија ОКТА која во повеќе наврати предизвикуваше политички проблеми проследени со обвинувања за корупциски афери и штети за земјата, сега е еколошка закана за Македонија на патот кон Европа.

default

Неколкумина европарламентарци, кои деновиве контролираа како Македонија се грижи за животната средина, предупредуваат дека рафинеријата ОКТА во работењето не ги исполнува европските еко-стандарди. Тоа го забележуваат и странските амбасадори во Македонија. Холандската амбасадорка, Симоне Филипини за време на посетата на реонот околу рафинеријата и самата се увери во непријатната миризба што ја шират рафинериските оџаци.

„Ова не ги исполнува критериумите и ако ме прашувате дали ова ќе биде проблем – да, тоа ќе биде проблем!“, изјави Филипини одговарајќи на прашањето – дали работата на ОКТА може да и‘ го отежни на Македонија патот кон унијата.

Протести на мештаните

Луѓето кои живеат во околината на ОКТА со години се жалат на загадувањето. Сулфурот се чувствува во воздухот, но загадени се и почвата и водата. Мештаните алармираа дека е зголемен бројот на заболувања и очекуваат помош од државата. Бидејќи надлежните не реагираа соодветно за да ги заштитат жителите на околните села, тие излегоа на протести – веќе неколку дена ги блокираат сите приоди кон рафинеријата и не дозволуваат влез и излез на цистерните. Еве дел од нивните искажувања:

„Барањата ги пренасочуваме во ултиматум. Нема да се тргнеме оттука се‘ додека не стават клуч и додека оџаците не престанат да чадат и да испуштаат чист сулфур низ водата.“

„Државата не ја научи лекцијата во Велес – да почне со применување на законот и да ги санкционира загадувачите. Цело време се даваат некои рокови за решавање на еколошките проблеми, но за жал, тие никогаш не се решаваат.“

Предупредувања од европарламентарци

Сериозна поддршка на намерата да му се спротивстават на загадувачот, мештаните добија од неколкумина европарламентарци кои деновиве предупредија дека ОКТА не работи согласно европските стандарди. Никодин Булзес, романски европратеник, по средбата со ресорниот министер, Неџати Јакупи, рече дека државата знае за тоа, но сепак ја толерира рафинеријата: „Кога зборувавме за рафинеријата имав чувство дека тој избегнуваше да зборува отворено за загадувачите. Тој зборуваше за загадувањето, но не и за загадувачите“, рече Булзес.

Пораката на европратениците е дека мора да се подобри квалитетот на воздухот и мора да се набљудува загадувањето од рафинеријата, како и да се исполнат уште голем број критериуми за да се достигнат еко-стандардите на унијата.