1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ОИ-Пекинг најскап спортски настан на сите времиња

Меѓународниот олимписки комитет од игрите во Пекинг очекува рекордна добивка. Крупни и ситни стопанственици во Кина се надеваат добар бизнис. Но, некои од таквите очекувања досега не се остваруваат.

default

Олимписките игри одамна се колку спорт, исто толку и бизнис - и долго време крајниот деловен биланс беше негативен. Пресврт донесе олимпијадата во Лос Анџелес пред 24 години, кога е остварен профит од 223 милиони долари. Експерти со месеци дискутираат за тоа што ќе му донесат олимписките игри на кинеското стопанство.

Многу ситни стопанственици, како сопственичката на еден мал ресторант во Пекинг, досега се разочарани: „Во последно време работата воопшто не оди добро. Имав многу малку гости, најчесто оние редовните. Претпоставувам дека е вака поради многубројните мерки за безбедност што ги воведе владата сега пред олимпијадата. Во целата угостителска бранша бизнисот не оди особено добро“.

Спонзорите веруваат во ефектот од олимписките реклами

Сосема поинаку е во Ќингдао, каде ќе се одржат натпреварите во едрење. Тој град е познат и по пивото Цингтао. Пиварницата е еден од преку 60 официјални олимписки спонзори и нејзиниот шеф Ли Гуиронг е убеден во рекламниот ефект: „За да ја постигнеме целта, правиме многу акции. Под мото ’Јас сум шампион‘ го подржуваме масовниот спорт во земјава. Под договор ја имаме и кинеската гимнастичка селекција, спонзорираме и емисија на државната телевизија, во која граѓаните го откриваат својот сопствен град. За време на олимпијадата кинеските градови се прозорци кон светот, така може светот да ја запознае Кина“. Се разбира, и пивото Цингтао исто така.

Пекиншката олимпијада треба да донесе приход од 3,4 милијарди!

Недалеку е и централата на Хаер, светска фирма за бела техника, исто така олимписки спонзор. Нејзината стратегија ја објаснува потпретседателот на фирмата Чу Јунѓие. „Многу од олимписките борилишта ќе бидат опремени со апарати на Хаер - фрижидери, клима-уреди и многу друго. Сето е еколошки благопријатно, како што се бара со официјалниот концепт на организаторите. За време на игрите ќе организираме акции за муштерии и туристи во Пекинг. Со олимпијадата Хаер ќе биде попрочуен“.

Олимпијадата ветува голем бизнис: со проценети приходи од 3,4 милијарди долари игрите во Пекинг ќе бидат најскап спортски настан на сите времиња. За споредба, светското фудбалско првенство во Германија пред две години донесе 2,3 милијарди долари. Само правата за телевизиски преноси од олимпијадата вредат 1,6 милијарди. 12-те генерални спонзори, кои можат ширум светот да рекламираат со олимпијадата, за тоа дадоа речиси 900 милиони.

Оптимизам и кај германските фирми - олимписки спонзори

Адидас, Шенкер и Фолксваген се во групата на поскромните, кои смеат олимписки да се рекламираат само во Кина. Фолксваген со години таму е спонзор во пинг-понг, а за игрите става на располагање 5 илјади возила. „Има разни анкети на кои може да им се верува или не, но секогаш велам дека пинг-понгот е популарен, олимпијадата е популарна и знам дека ова ќе има позитивен ефект врз нашето работење“ - вели Пан Ќинг, олимписки координатор во Фолксваген.

Иако со различни олимписки очекувања, ситните и големите претприемачи се единствени во загриженоста дека наскоро би можело да заврши кинеското економско чудо. Стопанскиот раст оди се’ позабавено, а се чини дека инфлацијата не е под контрола.