1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ознаката „Made in Germany“ под надзор на ЕУ

Знак за квалитет, или нешто што припаѓа на минатото? Предлогот на ЕУ може да стави крај на познатата ознака „Made in Germany“, односно „Произведено во Германија“. Експертите се плашат од негативни последици.

Планот на Европската комисија да ја преправи ознаката ’Произведено во Германија’ не е добро прифатен од секого. „Не мислам ништо за тоа, бидејќи тоа ќе значи само поголема бирократија“, вели Јирген Фарвиг, претседател на Германската асоцијација за квалитет (ДГК).

Досега, на производителите им беше дозволено да ја стават ознаката на сите производи „чии главни карактеристики беа произведени во Германија или произлегуваат од германското производство“, вели Фолкер Трајер од Германската индустриска и трговска комора (ДИХК). Трајер тоа го илустрира со пример на една пумпа за бензин: „Ако развојот, дизајнот и конечната монтажа се одвиваат во Германија, а само деловите од набавувачите се од друга земја, може да се смета дека е произведена во Германија.“

Но ознаката е повеќе од само именување на потеклото на производот, додава Фарвиг. „Производството, сигурноста, трајноста - се ` тоа може да биде означено како ’квалитет’. Исто така, со тоа се создава имиџ - како на пример, германска инженерска уметност.“

Вреди повеќе од 100 милијарди евра?

Според проценките, ознаката може да вреди повеќе од 100 милијарди евра, бидејќи компаниите и потрошувачите одлучуваат да купат поскапи германски производи наместо поевтини од други земји.

Daimler AG Werk in Sindelfingen Archiv 2012

Ознаката ’Произведено во ЕУ’ би била проблематична за земјите кои извезуваат, како што е Германија

Но Фарвиг вели дека продажбата ќе биде загрозена од плановите на Европската комисија со кои би се барало од производителите да ја документираат секоја фаза на производство - и потоа да оценат кој придонесол најмногу за вредноста на производот.

Во зависност од резултатот, потоа се одредува таксата, утврдена според новиот правилник за такси на ЕУ, кој треба да стапи на сила на крајот на годинава. „Всушност ќе видиме како се заменуваат карактеристиките на квалитет со формалности за таксата“ вели Фарвиг.

ДИХК исто така сака да се продолжи со досегашните прописи, бидејќи ознаката веќе ја докажа својата вредност, вели Трајер. Кога се во дилема, компаниите треба да прикажат докази дека ним им е дозволено да ја стават ознаката на своите производи, вели тој. Тоа уверува дека производителите нема да си играат со ознаката.

Тој додава дека ако ЕУ добие и биде по нејзино, задолжителното означување ќе донесе дополнителни трошоци за средните компании, а притоа потрошувачите нема да имаат подобра заштита.

Адвокатот за трговски марки и конкуренција Мортон Даглас не се согласува со ова. „Мислам дека ова нема да влијае на средните претпријатија премногу. Многу почесто поголемите фирми се тие кои купуваат од набавувачи од странство. Можеби нема да можат да ја користат ознаката ’Произведено во Германија’ толку често како сега“. Газдите на средните компании со голем опсег на домашно производство сосема добро ќе се справат со ова, додава тој.

Зошто сега?

Но можеби има и друга причина за планот на ЕУ, велат ДИХК и ДГК. Тие сметаат дека станува збор за протекционизам. Тоа ќе им помогне на јужните земји - членки на ЕУ да се изборат над југоисточните азиски земји, каде се поризведува со многу ниски персонални трошоци. Како следен чекор - наместо посебните ознаки на секоја земја - Европската унија може да претстави нова „Произведено во ЕУ“ ознака.

Trigema - Wolfgang Grupp

Волфганг Груп смета дека треба се цели кон производи со највисок квалитет

Таква ознака би била проблематична за земјите кои извезуваат, како што е Германија, вели Фарвиг. „Секако дека сакаме ЕУ да успее како целина, но тоа мора да се случи под услови другите земји да ја засилат играта кога се работи за конкуренција. Тоа не треба да биде изведено само со едноставно менување на правилата“.

Волфганг Груп, кој раководи со производителот на облека „Тригема“, е за тоа да има задолжителен доказ за потеклото. Сите негови производи се од Германија. Тој само увезува суровини, како памук, кои не растат во Германија и смета дека Германија, како и Европа, не треба да влегува во оваа самоуништувачка битка со евтините азиски конкуренти. Тоа што е потребно е различен пристап: „Нема потреба да бидам најголемиот произведувач на автомобили во светот, треба да го произведувам најдобриот автомобил. Треба да бидеме во можност да произведуваме се` со највисок квалитет“.

Многу врева за ништо?

Тој вели дека многу конкуренти од неговата индустрија, кои ја напуштиле Германија за да го преместат производството во други земји, бидејќи сметале дека трошоците за производство ќе бидат помал, сега се во полоша економска состојба од порано. Некои дури мораа и да банкротираат.

Но никој се‘ уште не мора да се поздрави со ознаката „Произведено во Германија“, бидејќи предлогот на Европската комисија мора да биде одобрен од Европскиот парламент и земјите-членки. Германската ДИХК вели дека предлогот едноставно треба да се фрли во корпа за отпадоци.