1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Од Турција кон ЕУ и назад во Турција

Турција ќе ги прима назад бегалците кои преку нејзина територија дошле во ЕУ. Ова го предвидува еден нов договор. Турција за возврат ќе добие постепена визна либерализација.

Преговорите за олеснување на влез на турските граѓани во Европската унија би требало да почнат на 16. декември, соопштија комесарката за внатрешни работи на ЕУ Сесилија Малмстром и турскиот министер за надворешни работи Ахмед Давутоглу. На почетокот на разговорите треба да биде потпишан договор за враќање на бегалците, со кој Анкара се обврзува да ги прими назад нелегалните бегалци, кои преку нејзина територија ќе влезат во ЕУ. ЕУ го постави за услов овој договор, за на турските граѓани да им се овозможат олесувања при патувањата.

„Ова е историски ден за турскиот народ, за ЕУ и процесот на турското приближување кон ЕУ“, рече Давутоглу. Малмстром појасни дека овде се покажува „Ангажманот на Турција и на Европа, да се постигне напредок при овие две важни теми“.

Временскиот рок не е утврден

Турција веќе долго време се жали, што нејзините граѓани мораат да имаат виза за да патуваат во земјите на ЕУ и што постапките за виза се скапи и комплицирани. Ограничувањата за патувањата треба да бидат укинати постепено. Од кога Турците поедноставно ќе можат да патуваат во ЕУ сѐ уште не е прецизирано. Тоа ќе се случи најдоцна за триипол години, рече Давутоглу. Малмстром пак смета дека е прерано да се наведе датум. Во првиот чекор треба да бидат воведени визи на долг рок за одредени професии.

Комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе појасни дека визната либерализиција ќе претставува „нов моментум“ за подзакочениот процес на проширување. ЕУ го врзува откажувањето од влезна виза со редица барања, кои треба да ги исполни земјата - на пример издавање на пасоши со биометриски податоци. Турција уште летото 2010. година почна да издава такви пасоши.

Турција поради спорот околу визите досега одбиваше да го спроведе договорот за враќање на бегалци со ЕУ. Тоа треба да биде овозможено со новопостигнатата спогодба. Според медиумски информации, Анкара го задржува правото да го замрзне договорот, доколку нема напредок во процесот на укинување на ограничувањата за патувањата.

Од агол на ЕУ е важно, Турција како главна транзитна земја за бегалците од Азија, Блискиот Исток и Африка повторно да ги прифаќа луѓето, кои преку нејзина територија стигнуваат до ЕУ. Ова би требало да им помогне и на земји како Грција, да го стават под контрола напливот бегалци.