1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Од срцето на Европа кон Блискиот Исток

Кој е оној што доброволно ќе ја напушти убавата, мирна и безбедна Швајцарија за да живее во Израел? Надин Зиелински пред пет години ја напушти својата татковина и се пресели во Израел.

default

Стариот град во Ерусалим

Во кафулињата во центарот на градот се среќаваат млади и стари, баровите каде што се пуши наргиле ги привлекуваат туристите, а не изостануваат ниту рестораните каде што може да се јаде вкусна храна.

Населбата Мерказ Хаир е место каде што човек речиси заборава дека Ерусалим не е мирен град како Базел, Берн или Цирих. Во ова населба живее Надин Зиелински. „Кога дојдов, Ерусалим беше речиси замрен. Луѓето се плашеа да шетаат низ градот поради политичката ситуација. Ова навистина се смени во последните години. Градот инвестираше и почнаа да се организираат фестивали и забави. Сега рестораните и кафулињата се полни. Ваквиот развој ми се допаѓа, инаку и јас ќе си заминев досега“.

Непоколеблива верба за решавање на конфликтот

Но, луѓето и понатаму живеат во постојан страв од експлозии. И покрај тоа што и минатата година имаше напади во градот, Надин сепак одлучи да го смени своето државјанство и да остане во Израел. Таа има непоколеблива верба дека ќе се најде решение за блискоисточниот конфликт: „Кога дојдов имав типично швајцарска претстава за тоа како луѓето треба да комуницираат меѓу себе. Тоа беше многу наивно, насекаде во светот не е како во Швајцарија. Сметав дека доколку се разговара, порано или подоцна мора да се најде решение, ако се сослуша соговорникот. Во таков случај не гледам зошто двете страни не би можеле да се спогодат“.

Опасноста од напади постои

Bombenanschlag in Jerusalem

Бомбашки напад во Ерусалим (архива)

Но, Надин брзо се отрезни и ја почувствува опасноста кога за малку ќе станеше жртва на самоубиствен напад: автобусот со кој патуваше до факултет експлодираше неколку станици пред таа да се качи во него.

Ваквите случки младата девојка ги раскажува дури и за време на вечерата, бидејќи во Израел речиси се’ се врти околу политиката: „На пример, мојот партнер е Израелец, тој служеше војска и сега е резервист. Во 2006 година учествуваше во војната во Либан. Во такви случаи важи едно правило: ’ако не пукаш, мртов си’. Што да кажам? Кога дојдов мислев дека такво нешто е неприфатливо“.

Преку дискусии до решение?!

И покрај се’, Надин не се откажува, таа одржува контакти со колегите од факулет, кои имаат арапско потекло. Една од нејзините најдобри пријателки е Палестинка: „Кога ја запознав не знаев дека е Палестинка. Ми беше многу симпатична. Потоа дознав дека е Палестинка и почнаваме да дискутираме околу темата и беше навистина интересно. За неа беше ново да слушне мислење од една Еврејка, која живеела во странство. Заемното разбирање, но и способноста да се слушне другиот и да се прифати туѓото мислење, иако самите не сме согласни со тоа, тоа е основата на пријателството“.

Knesset in Jerusalem

Политиката е доминантна, но не е се’ во животот

Покрај политиката, Надин води сосем нормален живот. Студиите по меѓународни односи и политика веќе ги заврши и сега студира менаџмент на непрофитни организации. Покрај студиите, како што впрочем е вообичаено во Израел, Надин работи. До неодамна се грижеше за новодојденците од германското јазично подрачје, како што беше таа пред пет години. Притоа, дојде до заклучок дека не доааѓаат сите во Израел од политички причини, има многумина, вели Надин, кои во Израел доаѓаат да најдат партнер.

Од неодамна Надин работи во еден угледен културен центар и се радува на новата работа. Конечно, Ерусалим е многу повеќе од град на експлозии. Животот во близина на линијата на конфликтот можеби е поинтензивен отколку во Швајцарија: „Тоа е така можеби поради политичката ситуација. Многу придонесува и сознанието ’морам да живеам овде и сега да уживам, бидејќи не знам што ќе се случи утре’“, истакнува Надин, која од срцето на Европа реши да се пресели на Блискиот Исток.