1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Од Србија во Германија да се презими

Според германските податоци 4600 српски државјани во 2011-та поднеле барање за азил во земјата. Мнозинството се Роми од сиромашниот југ на Србија.

default

Ромската населба- Ромско Подворце во Лесковац

Според податоците на ромските здруженија од јужна Србија, најголем број азиланти во Германија заминуваат од Лесковац, од три градски ромски населби со преку 10 илјади жители. Претседателот на здружението „Ром“ , Аца Демировиќ, чија ќерка со семејството заминала во Германија пред три месеци, вели дека Германците се „народ кој сочувствува со Ромите“:

„Германија е најповолна затоа што луѓето го сваќаат нашиот народ. А како социјален случај, да кажам азилант, земаш повеќе пари отколку да работиш“, објаснува Демировиќ.

За Зоран Муратовиќ и неговото седумчлено семејство, Германија во која провеле месец и половина била единствен начин за преживување на зимата, бидејќи од општината во близина на Штутгарт се вратил со 4 илјади евра в џеб:

Roma aus Serbien in Berlin

Српски Ром во Берлин со писмото со кое му е одбиено барањето азил во Германија

„Повлечете го барањето за азил и добивате од човек по 500 евра. Во ред ќе потпишам. Ќе се вратам дома во Лесковац со пари и плус бесплатен превоз“ , го прераскажува Муратовиќ разговорот со општинскиот службеник во Германија.

Болни искуства од азилантскиот живот

На Србија на почетокот на 2010-та година и се закануваше опасност од повторно воведување на визниот режим поради големиот прилив на политички азиланти во Белгија. Најголем број од нив беа сиромашни Албанци од Прешево и од Бујановац. Тој бран азиланти беше запрен со договор меѓу двете држави.

Зоран Амедовиќ кој со сопругата Невена минал осум месеци во центар за азиланти во Хановер вели дека во Германија се заминува организирано, со автобус кој кружи по ромските населби, но и оти искуствата од азилантскиот живот се болни.

„Сопругата и јас плачевме секој ден. Нема никаде подобро нешто од мојот дом, од мојот град, од мојата држава. Реков дека ќе го бакнам бетонот кога ќе стигнам на граница“, се присетува Амедовиќ.

Zigeuner in Belgrad

Роми во Берлин

  Како главна причина за барањето азил се наведуваат недостатокот од работа во Србија и строгите критериуми за добивање социјална помош. Од околу 6 илјади работно способни лесковачки Роми, постојана работа имаат само околу 300. Од 1500 корисници на социјална помош во градот, 60 проценти се Роми.

Азилантите- можна причина за суспензија на безвизниот режим

Синовите на Максут Демировиќ не можеле да остварат право на социјална помош, и сега живеат , како што објаснува таткото, од азилантската германска плата.

„Имам два сина. Млади се, можат да работат. Нека им дадат по 400 до 500 евра плата во Србија. Зошто да одат во Германија?“, се прашува Демировиќ.

Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ на средината од декември минатата година договорија механизам за скратена постапка за суспензија на визниот режим за земјите чии граѓани во голем број неоправдано бараат политички азил. Во тој момент омилени цели на т.н „лажни азиланти“ покрај Германија, беа и Белгија, Шведска и Луксембург.

Автор: Милица Ивановиќ/Симе Недевски

Редактор: Борис Георгиевски