1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Од слободен пад-до низок лет

Стопанството речиси насекаде во светот во првата половина од 2009 година беше во длабок пад - финансиската криза ја зафати и таканаречената реална економија. Во втората половина дојде до стабилизација, но на ниско ниво.

default

Белег на 2009 година и’ дадоа поими како финансиска криза, шкрипец во кредитирањето, мерки за спасување, Софин - кратенка за специјалниот фонд за стабилизирање на финансискиот пазар, потоа премија за расходување стари автомобили, излезна стратегија, закон за спасување преку национализација, закон за забрзување на стопанскиот пораст.

Ретки се годините во кои Германците имаа дури тројца различни министри за стопанство. Михаел Глос од ЦСУ веќе не наоѓаше задоволство во работата и се повлече на 7 февруари. Два дена потоа функцијата ја презеде неговиот сопартиец Карл-Теодор цу Гутенберг - но само до парламентарните избори на 27 септември. Оттогаш министер за стопанство е либералот Рајнер Бридерле.

Гаснење пожари и национализација на банки

Flash Wochenrückblick Bildergalerie für 07.08. 2009 HRE

Државата ја презеде „Хипо риел истејт“ банката

Канцеларот Ангела Меркел во почетокот беше во улога на пожарникар. Во Германија се случуваа вчудовидувачки паралели со настаните во САД: таму банкротот на инвестиционата банка „Лимен брадерс“ доведе речиси до распад на целиот банкарски систем, а во Германија таков ефект се закани да предизвика банката за финансирање на недвижности „Хипо риел истејт“ (ХРЕ).

„На меѓународно ниво ветивме дека нема да дозволиме ниедна банка да банкротира, ако со тоа би повлекла и други со себе. Од тие причини мораме да се погрижиме за ’Хипо риел истејт‘. Ова досега го правиме со дадените гаранции, но сакаме тоа да биде колку што е можно поевтино за даночните обврзници и да го правиме со колку што е можно помали трошоци. Поради тоа, федерацијата мора да добие право да ги креира работите во таа банка“, рече Ангела Меркел.

Ова практично значи национализација на банката. Беше донесен и закон за спасување на банките со нивно преземање од страна на државата. Тоа беше кршење на едно табу - за прв пат по Втората светска војна во Германија беше можна принудна национализација на банки во криза. Тоа и се случи со ХРЕ, откако претходно федерацијата и други банки во неа вложија речиси 110 милијарди евра во акцијата за спасување.

Владееја мрачни прогнози

Сојузната влада мораше да го употреби своето влијание на сите страни, многу повеќе отколку што би и’ било мило. Глобалната економска криза предизвика слом на светската трговија и на побарувачката. Тоа посебно тешко ја погоди Германија, како изразито извозна нација.

„Германското стопанство во пролетта 2009 се наоѓа во најдлабока рецесија од основањето на Сојузната Република. Домашниот бруто-производ годинава се предвидува да опадне за околу шест проценти“, рече Кај Карстенсен од институтот Ифо од Минхен, при претставувањето на пролетната анализа на водечките економски истражувачки институти. Нарачките кај индустријата за машини и постројки, водечка германска извозна бранша, опаднаа за повеќе од половина, банкротираа 34300 фирми - 16 проценти повеќе од годината пред тоа, а беа укинати повеќе од половина милион работни места.

Автоиндустријата-светла точка

Deutschland Autoindustrie Stellen Autohändler in Bremen

За автомобилската бранша кризата допрва доаѓа?

Една бранша, сепак, во кризната година постигна рекорд: автомобилската индустрија продаде 3,7 милиони автомобили - благодарение на еколошката премија од две ипол илјади евра за расходување на автомобили постари од девет години. За таа програма за поттикнување на конјунктурата Сојузната влада издвои пет милијарди евра.

„Многу залудно фрлени пари од даночните обврзници. Наредната година пак ќе се наоѓаме пред катастрофа“, прокоментира Ренате Кинаст од опозиционата партија на Зелените. За Волфганг Франц, еден од таканаречените „петмина мудреци“, економски советници на Сојузната влада, тоа е опасна политика на субвенционирање.

„Прво, ова е субвенционирање на една конкретна бранша на сметка на другите претпријатија. Луѓето сега купуваат повеќе автомобили, а помалку каучи или телевизори со тенок екран. Второ, во наредната година повторно ќе бидат купувани помалку автомобили, или пак луѓето ќе штедат на друга страна. И трето, тие пет милијарди мора да бидат финансирани - парите не паѓаат од небо. Тогаш ќе мора да ги покачиме даноците“, аргументира Франц.

Глобален одговор на глобална криза

На светската криза беше одговорено не само со национални, туку и со меѓународно усогласени мерки и потези.

„Денешниов е ден на кој светот се собра за да возврати против глобалната рецесија. Не со зборови, туку со план за светско опоравување и за реформи, со возен ред за нивно спроведување“, објави британскиот премиер Гордон Браун, како домаќин на самитот на Г20 во Лондон. Таму беа договорени далекусежни контроли за ризични продукти на финансискиот пазар, за хеџ-фондовите, рејтинг-агенциите и за приходите на менаџерите.

„Денес се споменува изразот ’нов светски поредок‘. Ние сметаме дека е ова по малку историско. Но, тој нов светски поредок мора да функционира за 192 земји, а не само за осум или 20. Тоа е клучно во иднина“, оцени Јерн Калински, набљудувач на самитот од невладината организација Оксфам.

Стануваше се’ појасно: пројде времето на Г8, клубот на богатите индустриски држави, како управувачи со светот.

„Г8 настана во една криза. Тогаш најважните индустриски земји се договорија да создадат форум на кој ќе може да се разговара за иднината на светската економија. Самитот во Л’Аквила јасно ќе покаже дека форматот Г8 веќе не е доволен. Светот сраснува, проблемите пред кои стоиме веќе не можат да бидат решени само од индустриските држави“, рече канцеларот Ангела Меркел на веројатно последниот самит на Г8, одржан во Италија.

Flash - Galerie G20 Genua L Aquila

Г20 во Италија

Таканаречените земји во подем, посебно Кина, Индија, Бразил, далеку подобро се носеа со кризата, отколку најразвиените земји. Кина во 2009 постигна стопански пораст од преку осум проценти; земјите во подем мутираа во носители на надежта како мотор за опоравување на светската економија.

Заздравување со горчлив вкус

Од средината на 2009 и во Германија се појавија првите знаци за економско заздравување. За производителот на автомобили „Опел“ тоа беше година на долга агонија и неизвесност.

USA GM Opel

Долги преговори за судбината на „Опел“

„’Опел‘ доби перспектива за иднината. Тоа е шанса за вработените, што мислам и дека навистина ја заслужија, оти тие не се виновни за ситуацијата, туку многу лошото стопанисување кај ’Џенерал моторс‘ во Америка“, рече Ангела Меркел во уверување дека „Опел“ ќе му биде продаден на канадско-австрискиот лиферант за автомобилската иднустрија „Магна‘. Но, „Џенерал моторс“ во последен момент ја откажа продажбата и самиот ќе го санира „Опел“, чиј сопственик е. Сите 4 производни центри на „Опел“ во Германија ќе опстанат, но се заканува овде да бидат укинати 5400 работни места од вкупно планираните околу 9 илјади во Европа.

Драма доживеаја и вработените во претпријатијата „Карштат“, „Квеле“ и „Примондо“, од концернот „Аркандор“, кој дојде во стечај. За „Квеле“ немаше заинтересиран купувач. Во Сојузната влада се разгоре спор: зошто на „Опел“ му беше помогнато со милијарди евра, а за спас на „Карштат“ и „Квеле“ не беше издвоен ни цент? Раководството на концернот не покажало доволно ангажман и интерес за поднесување издржан концепт за санација, гласеше образложението.

„Без перспектива за во иднина воопшто е незамисливо барање државна помош“, категорична беше Меркел.

Меѓу губитниците во 2009 година, без своја вина, се најдоа 10 илјади луѓе вработени во „Квеле“.

Deutschland Arcandor Quelle Abwicklung Filiale Schild

„Квеле“ извиси...

Измами во голем стил, преголеми амбиции

Светот беше потресен од кризата, но и од примерите на бескрупулозност на махерите од светот на финансиите. Бернард Медоф, советник од Њујорк, ги измами своите клиенти за 60 милијарди долари. За најголемата финансиска измама во историјата, тој доби казна од 150 години затвор. Од аукцијата на збирката негови часовници, накит и предмети од домаќинството беа собрани една милијарда долари - за неговите жртви само капка во морето.

Жртва на сопствените амбиции, пак, стана Венделин Видекинг. Производителот на спортски автомобили „Порше“, своевремено соочен со проблеми, тој го крена до премиум-марка со фантастични профити. Кобна за Видекинг испадна идејата „Порше“ да го преземе 13 пати поголемиот концерн „Фолксваген“, оти за откуп на акциите претпријатието се презадолжи, а „Фолксваген“ целосно ја сврте работата во своја полза.

„’Фолксваген‘ и ’Порше‘ денеска заеднички почнуваат нова ера, која многу ветува. На крајот од процесот во 2011 година треба да дојде до претопување на двете претпријатија во нов, силен концерн“, објави кон средината на август Мартин Винтеркорн, шеф на концернот од Волфсбург, по постигнатата согласност на Надзорните одбори на двете претпријатија.

За Венделин Видекинг беше испратен од менаџерската функција со милионска отпремнина.

Пак по старо?

Отпремнини и исплати на бонуси кон крајот на годината повторно се вратија во мода кај банките - како никогаш и да немало криза. Многу банки веќе постигнуваат рекордни добивки. Иронијата е во тоа што банките пред се’ заработуваат на тоа, што државите мораат да се задолжуваат „до грло“ за повторно да ја придвижат стопанската конјунктура. Во Германија мораше да биде усвоен ребаланс на буџетот со ново задолжување од речиси 50 милијарди евра, кое за 2010 е проектирано на 86 милијарди.

„Секое домаќинство прво гледа колкави му се примањата. Кај јавните буџети е токму обратно: прво се утврдуваат трошоците, а потоа се бараат пари за нив. Кога граѓаните и претпријатијата во нашава држава би се однесувале така, би банкротирале. Тоа не може да биде вистинскиот пат“, рече либералот Карл-Лудвиг Тиле, експерт за финансии. Но, во тоа време неговата партија уште не беше на власт.

Автор: Ролф Венкел/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска