1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Од Рига ќе биде испратена позитивна порака за Македонија

Неопходност од политичка стабилност и продолжување на реформите за да се добие датум за преговори за членство – е сумарната порака од првата средба на македонскиот премиер Никола Груевски со еврокомесарот за проширување, Оли Рен.

default

Оли Рен ја поздрави заложбата на владата за борба против корупцијата и криминалот, која би донесла посилна економија и намалување на невработеноста. Груевски овие две работи ги стави на прво место, притоа најавувајќи промени во работењето на царината, здравството, повеќе овластувања за јавниот обвинител, но и финализирање на преостанатите обврски од Рамковниот договор. Сепак, за остварување на европските цели, Рен побара и широк политички консензус. Прашан за намерата на ДУИ да побара промени во уставот, откако не успеа да влезе во владината коалиција, еврокомесарот рече дека тука станува збор за политичка и демократска култура, а не за некои фиксни и строги правила и регулативи:

“Во овој случај и владата и опозицијата треба да покажат подготвеност за политички дијалог каков што постои во зрела демократија. Сето ова треба да се постигне преку политички дијалог и разговори“, рече Рен.

Груевски,пак, коментирајќи ја посетата на ДУИ на Брисел, изјави дека е тоа нивно легитимно право.

“Ние кога бевме опозиција тоа го правевме многупати и во тоа не гледам ништо негативно или нелегитимно. Дури мислам дека е добро да се разменат мислења со ЕУ, да се види мислењето и на другата страна и сето тоа влијае врз квалитетот на одлуките што се донесуваат “, изјави Груевски.

Што се однесува до датумот за почеток на преговори, Груевски смета дека со засилени реформи ќе се исполнат преземените обврски кон унијата и Македонија ќе го добие датумот во текот на наредната година. Рен од своја страна истакна дека е корисно што владата си поставува цели, бидејќи тоа е движечката сила на реформскиот процес:

“Ние не ги гледаме акционите планови, туку конкретните дјества и конкретните резултати. Мора да истакнам дека за нас многу поважен е квалитетот отколку брзината.„

И датумот за покана за членство во НАТО беше најинтересен за новинарите по средбата на македонскиот премиер, Груевски со генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер, при што генерално се разговараше за истите теми. Премиерот подвлече дека “знаеме што треба да направиме, а нашата цел е покана за членство во 2008-ма“. Од Шефер пак се доби надеж дека од самитот во Рига ќе се испрати некаква позитивна порака, но нејзината содржина сеуште не е позната, па затоа не би сакал да шпекулира.