1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Од противници до сојузници - НАТО по крајот на студената војна

Во април НАТО слави 60 години од своето постоење. Свечениот самит на 3 и 4 април ќе се одржи во Германија.

default

Со падот на Берлинскиот ѕид во 1989/1990 се создаде целосно нова ситуација. Варшавскиот пакт се распадна, многу негови поранешни земји членки имаа желба да влезат во НАТО.

NATO Erweiterung Osteuropa

НАТО се прошири кон Источна Европа

Тогашниот генерален секретар, Хавиер Солана на НАТО самитот во 1997 година во Мадрид соопшти: „Денеска шефовите на држави и влади одлучија да започнат преговори за членство со Чешка, Унгарија и Полска. Сојузот во наредните години ќе продолжи да се проширува.“

Неколку години подоцна уште десет земји станаа членки на НАТО, а процесот на проширување се’ уште трае. Тоа во одредена мера предизвикува тензии со Русија, проблем што трае до денес.

Jaap de Hoop Scheffer

Јаап де Хоп Шефер, актуелен Генерален секретар на НАТО

Во меѓувреме се променија задачите на НАТО: ако до тогаш приоритет беше одбрана од можен напад од Варшавскиот пакт, сега НАТО се’ повеќе се концентрира на ангажмани надвор од рамките на земјите кои се во сојузот. Генералниот секретар Јаап де Хоп Шефер во 2006 изјави: „Гледате дека денес новото НАТО е сојуз што има можност да испрати експедитивни единици, кои се грижат за стабилност, и чии војници се испраќаат во далечни мисии и кои се ефикасни.“

Ирак ги подели сојузниците

Најсилниот пресврт по политичките промени во 1989/90 беа терористичките напади на САД во септември 2001. За првпат во својата историја НАТО објави сојузништво. Тогашниот германски канцелар Герхард Шредер изјави: „Со ова формално е нападната земја сојузник и поради овој факт сојузниците треба да си ги исполнат обврските.“

Proteste gegen Irak-Krieg wachsen wieder

Протести против војната во Ирак

Но, американскиот претседател Џорџ Буш порадо сакаше да основа Коалиција на согласните. Со тие сојузници го нападна Ирак.

Милиони луѓе протестираа во Европа против ваквата акција во Ирак којашто прерасна во еден од најтешките трансатлантски конфликти во последниве децении. Тогашниот француски претседател Жак Ширак во 2003 изјави: „Не гледаме никаква основа, да ја замениме нашата логика на мир со логика на војна.“

Наспроти тоа американскиот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд тогаш критикуваше: „Кога зборувате за Европа мислите на Германија и Франција. Но, јас не мислам така. За мене тоа е „стара Европа“. Ако денес ги погледнете НАТО и Европа ќе видите дека центарот на гравитација се сели кон истокот.“

Големи очекувања од Обама

Настанатиот јаз меѓу сојузниците полека се намалува, а од новиот американски претседател Барак Обама, многу Европејци очекуваат поголема соработка. Иако многу работи покажуваат дека, на пример, мисијата во Авганистан, која е најважната НАТО мисија, ќе остане основа за конфликт. Генералниот секретар на НАТО, Шефер уште пред една година констатираше: „Во една Алијанса, во која работиме едни за други, не може да има поделба на работните задачи според кои едни ќе се специјализираат за борби, а други за постконфликтниот период.“

НАТО денес е многу поголем од порано и ќе продолжи да расте. Но, исто така, колку што е поголем сојузот, толку потешко ќе биде да се доаѓа до консензус.

Автор: Кристоф Хаселбах / Невена Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска