1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Од неуспешен лек до светски бренд-„Кока Кола“

Сладок вкус на карамел, помешан со благ вкус на кафе и сода - пијалакот „Кока Кола“ постои веќе 125 години. Откритието на аптекарот Џон Пембертон на 8. мај 1886 година ги постави темелите на светски познатиот бренд.

default

„Кока Кола“ не познава граници, па дури ниту идеолошки. Уште пред триесетина години претпријатието се проби на кинескиот пазар, веднаш откако тој беше либерализиран за странските инвеститори. Капитализмот навлезе во комунизмот. Кинезот Даи Јинг раскажува дека претходно пијалакот го знаел само од филмовите од Западот.

„Уште како дете бев навистина фаснициран од таа напивка, иако никогаш немав земено шише ’Кока Кола’ в рака, ниту, пак, се имав напиено.“

Пијалак, легенда, па дури и вирус, што го зарази целиот свет. Во меѓувреме „Кока Кола“ е забранета само во три земји: Куба, Северна Кореја и Мјанмар.

Од неуспешен лек до глобален бренд

Историјата на „Кока Кола“ почнува во аптеката на Џон Пембертон во Атланта. Меѓутоа, сирупот составен од повеќе состојки, на Пембертон ниту му го подобри здравјето, ниту, пак, го направи богат. Кратко пред да почине го продава рецептот на Аса Чендлер за 2.300 долари. Дури на Чендлер му појде од рака од него на направи „национален пијалок“, а од „Кока Кола“ синоним за „американскиот животен стил“.

Flash-Galerie Coca Cola 125 Jahre

„Кока Кола“ денеска ја има во над двесте земји и дневно го пијат 1.7 милијарди лица

Во текот на Втората светска војна, „Кока Кола“ дефинитивно се профилира како глобален бренд. Во 1942 година американските трупи во Европа добија три милиони шишиња од омилениот пијалак, кој според тогашните генерали, требало да го поттикне моралот на војниците.

„За време на Втората светска војна, ’Кока Кола’ беше прогласена за неопходен пијалак и секој американски војник имаше право на одредено количество. За таа цел беа изградени и првите филијали за полнење во Европа. По војната, тие веднаш беа преземени, со цел ’Кока Кола’ да се пробие и на европските пазари. Населението на тие држави во тој пијалак гледаше еден вид симбол на слободата, демократијата и модерното живеење“, вели Андреа Екслер, авторка на книгата за „Кока Кола.“

Во 1931 година, на компанијата дури и` успева да го реосмисли изгледот на Дедо Мраз. Наместо во неупадливите традиционални бои, тој одеднаш се преоблече во црвено-бел мантил.

Во текот на изминатите 125 години, „Кока Кола“ се соочуваше и со проблеми и скандали. Тука се обвинувањата дека ги дебелее американските деца, потоа обвинувања за употреба на пестициди и загадена подземна вода во Индија, па дури и за убиство на лидерот на синдикатите во Колумбија. Но, и покрај се’, имиџот на компанијата и натаму останува неоштетен, нагласува авторката Ексел, што до ден-денешен претставува загатка, дури и за најдобрите маркетинг-експерти.

Flash-Galerie Coca Cola 125 Jahre

Божиќ во боите на „Кока Кола“ - еден од најуспешните маркетинг-потези на компанијата

Рецептот се` уште е тајна

А, кога сме веќе кај загатките, една од најголемите кога е „Кока Кола“ во прашање, е рецептот по кој се приготвува:

„’Кока Кола’ насекаде во светот се произведува по истата формула. Дури и водата што се употребува мора да биде природна вода од соодветниот регион, но и таа се преработува, врз основа на стандардите на компанијата“, вели Герт Харцман од „Кока Кола“ во Германија.

Рецептот, всушност, се крие како најголемата тајна на светот - во банкарски сеф. Претпријатието никогаш не го патентираше рецептот, бидејќи секој патент во САД истекува по дваесет години, а за негово продолжување, компанијата ќе мора да го обелодени скапиот рецепт. Тоа би било како седмица на лото за некои луѓе, бидејќи „Кока Кола“ денес важи за еден од најскапите брендови во светот.

„Според анкетите, ’Кока Кола’ е вториот најпознат збор во светот, веднаш зад ’океј’, што значи дека пијалакот им е познат на 98 проценти од светското население. Тоа значи дека од сто жители, без разлика во кој дел од светот, само двајца не знаат што е ’Кока Кола’“, вели Екслер.

Автор: Моника Грибелер / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска