1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Од Македонија се бара конкретна борба против корупцијата

Претседателот на ГРЕКО, Драго Кос смета дека Македонија доста добро ги исполнува препораките на ГРЕКО, но и дека таа треба да направи уште повеќе на подрачјето на практичната борба против корупцијата.

default

Драго Кос, претседател на ГРЕКО

Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО) која работи во рамките на Советот на Европа е најнадлежниот орган на европско ниво, кој ги проценува средствата со кои една земја располага за борбата против корупцијата.

Македонија ги исполнува европските законски стандарди за броба против корупцијата

„Македонија доста добро ги исполнува препораките на ГРЕКО и ние сме задоволни од тоа што Македонија го работи. Нашите препораки се однесуваат на промените во законодавството и институциите, и тука Македонија има направено многу во последниве години. Но постои голем проблем кој ГРЕКО се’ уште го нема земено во предвид, односно сите овие мерки за промени во законодавството и институциите засега не даваат конкретни резултати. А кога нема конкретни резултати, жителите на земјата не ги сфаќаат сите тие промени сериозно и Европската унија има сериозни забелешки за тоа. Поминаа времињата кога Брисел се задоволуваше само со измените во законодавството и институциите. Сега Брисел бара тоа да дава резултати и мислам дека Македонија тука има уште многу забелешки“, вели за Дојче веле претседателот на ГРЕКО, Драго Кос.

Европската комисија не се консултира директно со ГРЕКО, но ги користи извештаите

Според него, Европската комисија директно не се консултира со ГРЕКО за прашањата поврзани со борбата против корупцијата.

„Но, ние знаеме дека Комисијата ги зема во предвид извештаите на ГРЕКО. Извештаите на ГРЕКО се еден добредојден извор на информации за Комисијата, но се разбира Комисијата има и други извори и мерки со кои таа доаѓа до податоци, но воглавно некои поголеми отстапувања од нашиот извештај и тоа што Комисијата го бара од Македонија нема.“

ГРЕКО не се занимава со конкретните случаи на корупција, но тоа што ЕУ го очекува од Македонија е едноставно вели Драго Кос.

„Сите тие институции кои сега постојат во Македонија, таа има специјализирана полициска служба, специјализирано обвинителство и превентивни органи, сите тие сега треба конечно да започнат да даваат резултати. Лесно е да се промени законодавството и да се основаат институции, но ако тие немаат ресурси и специјализирани експерти и посебно ако немаат политичка поддршка да го работат тоа што треба да го работат, тогаш тоа е напразно и нема никакви промени. И како што реков Македонија, поради тоа ќе има уште многу многу забелешки.“

Полесно се посочуваат земјите кои се надвор од клубот на ЕУ

Europarat Logo

Претседателот на ГРЕКО признава дека на Европската комисија и е полесно да ги посочи новите земји членки на ЕУ и земји кандидати дека имаат проблем со корупцијата отколку постарите.

„Тоа се случуваше со сите земји. Кога Словенија влегуваше во ЕУ, тогаш таа според стандардите во споредба со земјите членки беше повисоко, но се разбира кога си член на клубот никој повеќе не те прашува за тоа што го правиш. Но тоа важи засега, бидејќи ЕУ подготвува за постоечките земји еден вид на мониторинг со кој таа ќе контролира што тие работат во борбата против корупцијата. На земјите кои се во клубот многу им е полесно отколку на тие што стојат пред нејзините врати. Се разбира, за да се помине вратата на ЕУ, таа со право измислува нови услови, бидејќи има многу лоши искуства со земјите кои влегоа во 2005 и 2007 година.“

Опасност од двојни стандарди со воведувањето на нови механизми во ЕУ за борба против корупцијата

Во ГРЕКО постои загриженост поради воведувањето на нови механизми за контрола во ЕУ иако се поддржува секоја активност на ЕУ за борба против корупцијата. Стравувањето е поради удвојувањето на надлежностите и двојното трошење на финансиските и човечките ресурси и тоа на еден начин значи доаѓање до различни стандарди во борбата против корупцијата. Едни кои би важеле за земјите членки во ЕУ, додека другите за оние кои не се членки.

За тоа како ГРЕКО гледа на различните рангирања на земјите од страна на невладини организации за борбата против корупцијата, Драго Кос одговара:

„Тие рангирања некогаш се темелат врз перцепцијата на луѓето, односно рангирањата не ги одразуваат конкретните ситуации во земјите, туку она што луѓето го мислат за корупцијата во нивната земја. Додека некои други рангирања се темелат само на поеднечни сегменти на корупцијата. Затоа сите тие рангирања треба да се земат со воздржаност, но сепак, бидејќи тие рангирања се вршат низа години, според исти критериуми, тие даваат општа слика како и каде се наоѓа земјата во борбата против корупцијата.“

Борбата против корупцијата започнува од секој човек поединечно

На крајот од разговорот за Дојче Веле, претседателот на ГРЕКО нагласува:

„Ние секогаш зборуваме за тоа како борбата против корупцијата е задача на земјите и меѓународните организации, но секогаш ние заборавеме дека борбата против корупцијата треба да започне од секој поединечно. Односно секој од нас секојдневно се соочува со ситуации во кои можеме, а немораме да употребиме корупција треба добро да размислиме што ќе направиме. Ако секој започни од самиот себе си ќе има многу помалку работа и за државите и за меѓународните институции!“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска