1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Од клуб на диктатори до барани партнери

Долго Арапската лига беше исмејувана , но од промените на Блискиот Исток, таа повторно доби на тежина на политичката сцена. Сепак, прашање е дали членките се залагаат за демократија.

Сеедно е дали станува збор за либискиот диктатор Моамер Гадафи, египетскиот - Хосни Мубарак или тунискиот - Бен Али: Арапската лига долго беше клуб на диктатори. Оваа заедница на држави, составена од 22 арапски земји во Африка и на Блискиот Исток, ја отсликуваше политичката вкочанетост на нејзините членки. Нејзините самити секогаш завршуваа со истите прогласи, па речиси никој не ја сфаќаше сериозно Арапската лига, почнувајќи од луѓето во регионот, па до политичарите на Запад и Исток. Но, по промените во арапските земји, Арапската лига повторно стана фактор.

Огледало на доминацијата во регионот

Метаморфозата на Арапската лига започна на почетокот на 2011-та година, со нејзиното свртување против либискиот диктатор Моамер Гадафи. Арапската лига го суспендираше либиското членство и ги поддржа санкциите на ОН против трупите на Гадафи. И долгогодишниот сириски диктатор Башар ал-Асад ја сврте Арапската лига против себе, така што во ноември минатата година беше исклучен од нејзините собири. Две недели подоцна беа воведени дури и санкции против Сирија, незабележан случај во историјата на Арапската лига. Експертот за Блиски Исток и доцент на Слободниот универзитет во Берлин, Хамади Ел Ауни истакнува:

„Лигата отсекогаш беше огледало на доминантните држави во регинот, така е и денес. Сега се доминантни државите од Персискиот залив, богати со нафта, и исламистичките движења кои се на власт во Либија, Тунис и Египет. Арапската лига се прилагодува на таквите тенденции“.

Моментно водечки-Катар и Саудиска Арабија

Во моментов конците ги влечат пред се‘ Катар и Саудиска Арабија. Катар за време на либиската револуција дури со свои авиони учествуваше во спроведувањето на зоната на забранети летови над Либија. Но, тоа што токму Катар и Саудиска Арабија се залагаат за демократија, според Ел Ауни, е неверодостојно:

„Тие држави ни самите немаат демократија, а го занемаруваат и почитувањето на човековите права“.

На пример, во Саудиска Арабија речиси секојдневно има демонстрации на шиитите, кои безбедносните сили насилно ги задушуваат. Кога шиитите излегоа на улиците и во соседниот Бахреин, Саудиска Арабија и таму ги прати своите трупи на помош. Повикот за поголема демократија беше крваво задушен.

Политикологот Елхам Манеа од Универзитетот во Цирих истакнува дека Саудиска Арабија и Катар во Арапската лига ги следат своите сопствени интереси:

„Сунитските заливски држави се обидуваат да го наметнат своето влијание во регионот и да ја прошират својата верзија на политички ислам“.

Важна цел притоа не е ширењето на демократијата, туку слабеењето на шиитскиот ривал - Иран.

Заедно против Иран

Заливските држави се чувствуваат загрозени од хегемонистичките стремежи на Иран. Најважниот сојузник на Иран во регионот е Сирија. Со соборувањето на режимот на Аасд, Техеран би загубил важна поврзница кон либанскиот Хезболах или кон палестинскиот Хамас и со тоа би загубил влијание.

Syrien Kairo Demonstration gegen Assad Regierung Arabische Liga

Демонстрации против Асад во Каиро

Слабеењето на Иран и јакнење на заливските емирати е од интерес на Западот:

„Заливските држави добиваат поддршка од Западот, со сите политички и воени средства“, вели Хамади Ел Ауни.

Во Катар, Саудиска Арабија и Бахреин постојат големи воени бази. Критиката за недемократските односи во Заливот се изговара со половина уста. Ауни оценува:

„Лигата се инструментализира заради спроведување и легитимирање на интересите на Западот во регионот“.

Поларизација во Арапската лига

Новата линија на Лигата не наидува на возвратна љубов кај сите земји-членки. Државите како Алжир или Судан се скептични во однос на политиката на конфронтација кон Сирија. Де факто, Лигата е поделена. И ирачкиот премиер Нури ал-Малики, домаќинот на актуелниот самит на Арапската лига (27.03-29.03), нема интерес од промена на власта во Сирија. Шиитот Малики е вовлечен во борбата за власт со сунитското малцинство во сопствената земја. Преземањето на власта од сунитската опозиција во Сирија, би ги ослабело позициите на Малики и на шиитите во Ирак. Затоа ирачката влада финансиски го поддржува режимот на Асад од избивањето на револуцијата.

На меѓународен план, меѓутоа, Арапската лига со својата нова политика без сомнение доби на значење. Нејзиниот секретар Набил ал-Араби во меѓувреме е ценет партнер за разговори. И поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, се обидува по налог на ОН и Арапската лига, да посредува во конфликтот во Сирија. Но, и покрај тоа, јасно е - Арапската лига е се‘ друго, освен клуб на демократи, а порано или подоцна, духот на револт кој Лигата денес го заговара, може да се сврти против преостанатите автократи во нејзините сопствени редови.