1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Од затвор во Србија

Санел М. е протеран од Германија во Србија. Тој веќе две години беше на отслужување затворска казна поради ненамерно убиство на една девојка. Така младиот човек роден во Офенбах е всушност протеран во странство.

Веста беше кратка. Санел М., државјанин на Србија, протеран е од Германија во Србија. Санел има 20 години, роден е во германскиот град Офенбах и никогаш не живеел во Србија. Таму живеат родителите на неговите родители, но татко му, мајката и двајцата браќа живеат во Србија.
Пред две години, околу три часот наутро пред ресторан за брза храна во Офенбах,Санел ја удрил германската студентка од турско потекло Тугче Албајрак. По падот на асфалтот таа се здоби со тешки повреди и падна во кома. Две недели подоцна апаратите за нејзино одржување во живот беа исклучени.

Смртта на оваа девојка која ја предизвика тогаш 18-годишниот Санел, покрена медиумска лавина. Мртвата девојка стана симбол на граѓанска храброст, бидејќи му се спротивставила на агресивен маж. Санел беше прогласен за силеџија и виновник уште пред судскиот процес.

Дури и тогашниот германски претседател Јоахим Гаук во изјавата на сочувство на семејството на починатата девојка рече дека таа е жртва на „брутално злосторство“, иако фактите сѐ уште не беа утврдени.

Друштвото на Санел ја искривуваше вистината сведочејќи во негова полза, но некои очевидци кои сведочеа на страна на обвинителството, исто така имаа противречни изјави. Булеварските медиуми се тркаа во сензационализам.

Санел е осуден на три години затвор. Утврдено е дека немал намера да убие. Но факт е и дека девојката почина.

Во пресудата беше речено дека тој во затвор влегува без никаква школска подготовка и дека во затвор треба да се промени. Таквата формулација говореше за намерата на германската држава да го ресоцијализира своето напуштено дете. Сега, по две години, Санел е протеран во Србија.
Тој жив доказ за целосно промашено семејно воспитување, педагошка работа и интеграциски напори во Германија, на тој начин е турнат под тепих. Неговиот пех се вика: бегалски бран од Србија. По терористичките напади во Германија, државата едноставно губи трпение за криминалците. Од затворот во Визбаден, Санел е испратен до Франкфурт, каде вчера седна во авионот за Белград.
Германските медиуми на тој начин го одбележаа последниот чин на една повеќегодишна драма, само како фуснота. 

Mahnwache für Tugce vor Klinik in Offenbach 28.11.2014 (picture-alliance/dpa/Roessler)

Тугче Албајрак

Германската противречност

Санел е производ на германската противречност. Бидејќи нема германско државјанство, ваквиот епилог е можен кога германските институции ќе проценат дека некој по отслужувањето на казната сѐ уште претставува опасност за јавниот ред и мир. Токму така одлучи највисоката инстанца на Управниот суд во Хесен. Овој 20-годишник и натаму е извор на „опасност за јавната безбедност“ затоа што сѐ уште мора да се претпостави дека тој на конфликтите ќе реагира „агресивно и насилно“. Санел, како таков, е протеран на осум години. Освен тоа, судот заклучи дека Санел може да се протера бидејќи е во состојба во Србија „да воспостави нови врски“ со тамошните луѓе.

Во ваквото образложение воочливи се противречности. Санел е дете кое е родено и израснато во Германија. Неговиот пат, во најмала рака до половина, е и пат на оваа земја. Да се исфрли проблемот од куќата, иако се родил во неа, само затоа што жителот е по потекло од некое далечно село, не е до крај коректно.

Второ, конфликтот ќе го следи Санел и во Србија, бидејќи таму не е дома. Тоа значи дека неговиот агресивен потенцијал ќе биде ставен на тешка проба.

Што доколку за осум години Санел дојде назад во Германија прекален во суровоста? Дали тогаш ќе биде опасност за јавниот ред и мир?

Секако треба да се надеваме дека Санел ќе се откаже од насилството и ќе го сфати своето протерување како шанса да го смени животот и да се оттргне од насилството. Сепак, сега никој, па ни тој, не може да знае како понатаму ќе се одвива приказната.

 

DW.COM