1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Од блесокот на Кометал ЃП останаа само спомени

Кометал Ѓорче Петров беше шампион на Европа. Се навршија десет години од тој, најголем македонски клупски успех, но Кометал веќе не постои. Оваа судбина ја делат и други клубови. Како да се стигне со спортски резултати?

default

На 19 мај 2002-та, блесна победничкиот медал на градите на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров. Време, кога Македонија доби голем спортски шампион.

Спонзорот на клубот Трифун Костовски се сеќава: „Тој настан како вчера да се случи! Тоа, зборува само за себе дека времето незапирливо минува, а ни останува во овие моменти да мечтаеме за тие убави времиња, кога сите бевме горди. Ние, кои бевме внатре во клубот, бројните навивачи и воопшто целата нација“.

Од некогашниот великан остана само име на хартија

Trifun Kostovski

Трифун Костовски

Денес, по една деценија, остануваат само спомените на славната ракометна дружина. Минатата година клубот замина во мирување. Се покажа, неговиот опстанок зависел само од еден човек?

Костовски вели, не претпоставувал дека неговото повлекување ќе значи и брзо исчезнување на клубот од македонската и европската ракометна карта: „Генезата на исчезнувањето на Кометал Ѓорче Петров треба да ја гледаме повеќе во поставеноста на целиот ситем на функционирање на спортските друштва. Кога видов дека не можам да го издржам тоа темпо на средства, кои требаше да се вложат во клубот со цел да останеме во кремот на европските клубови, јас се повлеков. Меѓутоа, во тој момент јас не почувствував дека моето повлекување ќе донесе такви, страшни последици“.

Судбината на Кометал Ѓорче Петров е слична со многу македонски клубови, накогаш славни и резултатски моќни, а сега не постојат или натпреварувачки само вегетираат.

Vladimir Bogoevski

Владимир Богоевски

Владимир Богоевски, некогаш врвен одбојкар и тренер, сега спортски директор на МОК, вака гледа на оваа состојба: „Гледаме дека ситуацијата во спортот во Македонија не е каква што беше порано. Сведоци сме дека само во неколку спортови малкумина поединци финансираат, даваат огромни средства и тие прават спортски резултат. Дали е тоа правилно или не, е прашање за анализа. Мое лично мислење е дека ако само неколку луѓе се тие, кои го водат спортот, тоа е сосема нелогично. Оној момент кога тој човек ќе се откаже од спортот од која и да било причина, колективно целиот спорт пропаѓа!“

Нов Закон за спорт-неопходност

Stefce Alusevski

Стевче Алушевски

Стевче Алушевски е ракометар на Металург, во моментов најмоќниот ракометен клуб во Македонија, зад кој стои стабилен спонзор. Алушевски смета дека мора да се направи нов Закон за спортот во Македонија со кој би се регулирале односите: „Мора да се направат измени во Законот за спонзорирање, во законот за спорт, за да не ни се случува, тоа што се случи со Кометал Ѓорче Петров, кој пред само десет години беше европски првак, а денес веќе постои само на хартија“.

Дали, македонскиот клупски спорт треба да зависи од успешни поединци во бизнисот?

Според Богоевски, македонскиот спорт е во 20 годишно лутање, без своја стратегија за развој на спортските клубови.

„Проблемот е што веќе 20 години постоиме како држава, а се’ уште во спортот немаме стратегија. Се’ уште не знаеме што сакаме. Во сите спортови треба да има поединечна стратегија, секоја федерација треба да има своја стратегија, секој клуб своја стратегија. Ние се’ уште тоа го немаме и не знаеме што навистина сакаме. Треба најнапред да поставиме темели на спортот“.

За Трифун Костовски спортот е силен идентификатор на една средина и треба да има таков третман: „Денеска спортот го водат поединци, кои се големи ентузијасти во основа. Меѓутоа, таквиот начин не носи напреден исчекор. Основно е спортот да добие централно место, како убедливо најголем амбасадор на секоја земја. Тој би требало да биде финансиран и од локалната самоуправа и од бизнис субјектите, а државата би требало да овозможи поволности за нивно функционирање“, заклучува Трифун Костовски.