1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Одумира ли ракописот во дигиталната ера?

СМС, Фејсбук и слично, се’ повеќе го заменуваат напишаното со рака. Но, во некои области на секојдневието ракописот и натаму игра важна улога. За експертите тоа e основа на логичното мислење.

„Каква улога игра ракописот во дигиталната ера“? Ова прашање го поставуваат научниците од универзитетот во Тибинген, а одговори ќе бидат понудени на собир што под тој наслов ќе се одржи во октомври.

Покрај компјутери, смартфони и таблети, има ли уште место и потреба за пишување со рака? Се чини дека е прерано да се зборува дека ракописот изумира. Многу луѓе и натаму страсно собираат автограми од истакнати личности, кои потоа достигнуваат високи цени. Во САД едно литературно списание успеа да придобие познати писатели за својот проект, во кој секој од нив три до четири пати во месецот своерачно пишува писмо, кое потоа се фотокопира и им се испраќа на претплатници во цел свет. Во Германија кај експерти за естетски зборовни креации од претпријатието „Фини рими“ може да се нарача да напишат љубовно писмо.

Ракописот е огледало на душата и на расположението

Professor Dr. Miriam Meckel

Д-р Миријам Мекел

Но, има и многумина компетентни експерти и истакнати личности кои неуморно ја нагласуваат културната вредност на ракописот. Миријам Мекел, професор по комуникација на универзитетот во швајцарскиот град Сент Гален, во мај годинава за неделникот „Ди цајт“ изјави: „Само како писмени сме во состојба да имаме удел во се’ во животот“. Според неа, тука посебно значење придобива пишувањето со рака. Телесниот чин на пишување е есенцијален за подлабоко сфаќање на нештата: „Само оној, кој нешто навистина може нешто физички-материјално да го почувствува, е во состојба тоа и да го сфати“.

Запоставувањето на ракописот е проблем на училиштата

Специјалистите во основа се согласни дека е извонредно важно да се зачува пишувањето со рака како културна техника. Но, во моментов може да се види спротивен тренд. Дали е тоа поради смартфоните и ај-педите? Факт е дека се’ помалку луѓе пишуваат со рака. Во училиштата е се’ поголем јазот меѓу децата кои можат добро да пишуваат и оние кои со мака испишуваат реченици на хартија, констатира Ангела Ендерс, професор по педагогија на универзитетот во Регенсбург. Важна причина за тоа е самото училиште. Од 70-тите години наваму во школите постојано опаѓа значењето на пишувањето со рака. Има дури и концепти кои него експлицитно го спречуваат: од лани во Хамбург се применува концептот подготвен од Здружението на основните училишта, децата да учат да пишуваат само со печатни букви, наместо со ракописни. Идејата била да се „намали комплексноста“, оти ракописното писмо наводно ги преоптоварувало децата и поради тоа требало да биде укинато, вели Ендерс.

Apple Ipad Apps

Во Шведска цели класови веќе сега учат пишување само на ај-педи

Пишувањето го поттикнува мислењето

Педагогот Ендерс се жали поради таквиот развој и нагласува дека потиснувањето на ракописот води кон тоа, учениците да развиваат поинакви форми на сфаќање и мислење, „оти се разбира дека текстовите што се пишуваат со рака мораат подобро да се обмислат, отколку кога се пишува на компјутер“. На компјутер може нешто да се додаде и вметне, на крајот уште и да се употреби програмата за правописна контрола. При пишувањето со рака децата мораат од почетокот да планираат и да обмислат што воопшто сакаат да пишуваат. Тоа ги наведува децата да учат и поинаку да мислат, имено пологично и поконсеквентно“.

И покрај општиот тренд, во германските училишта и натаму се пишува речиси исклучиво со рака. Во Шведска, на пример, наскоро може да биде поинаку - таму цели класови веќе сега учат пишување само на ај-педи.