1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одобрена интервенција во Централно африканската република

Советот за безбедност на ОН денеска одобри проширена воена интервенција на француските и силите на Aфриканската унија со цел да се спречат геноцид и граѓанска војна во Централно африканската република

Советот за безбедност на ОН денеска едногласно одобри заедничка воена акција на Франција и на трупите на Африканската унија во Централно африканската република (ЦАР) со цел да се стави крај на анархијата и на судирите меѓу муслиманите и христијаните.

Резолуцијата беше предложена од Франција која веќе 600 војници во земјата, а планира да испрати дополнителни околу една илјада. Бројноста на трупите на Африканската унија исто така ќе се зголеми и се очекува да брои меѓу 2.500 и 3.000 војници.

Со резолуцијата им се дава за право на француските војници „да ги преземат сите неопходни мерки“ за да ја поддржат мисијата на Африканската унија.

„Луѓето во таа земја се тероризирани од милиции кои вршат злосторства“, изјави францускиот амбасадор во ОН, Жерар Аро, предупредувајќи дека „земјата е на пат да се распадне поради масовните злосторства“.

Одговорот на прашањето дали француските и африканските трупи ќе успеат да стават крај на насилствата во голема мерка зависи од нивната подготвеност да го напуштат главниот град Бангуи, каде воглавно досега престојуваа, и да се ангажираат против милициите во периферните делови на земјата каде царува безвластие.

Судирите во ЦАР ескалираа откако муслиманските бунтовници минатата година формираа коалиција наречена Селека, која го урна од власт претседателот Франсоа Бозизе и ја презеде контролата врз владата. Оттогаш започнаа одмазднички акции врз христијаните во земјата кои го поддржуваат Бозизе. Христијаните организираа сопствени милиции кои се борат против борците на Селека.

Во денешните и синоќешните судири во главниот град Бангуи загинале најмалку 100 лица. Осакатените тела на најмалку 50 убиени луѓе денеска биле пронајдени во џамија во Бангуи.

Повеќе од 400 илјади луѓе се водат како раселени од избувнувањето на судирите минатата година.