1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одобрена екстрадицијата на Асанж во Шведска

Врховниот суд на Велика Британија одлучи да ја дозволи екстрадицијата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во Шведска, каде е осомничен за силување и сексуални напади.

Асанж веќе речиси две години се бори против барањето на шведското обвинителство да биде израчен во таа земја, откако две жени го обвинија за сексуално насилство.

Израчувањето претходно го одобри и понизок британски суд.

Британскиот Врховен суд со прегласување од 5 спрема 2 одлучил во полза на барањето на шведското обвинителство, но јавноста потоа беше изненадена од барањето на адвокатката на Асанж, Дајна Роуз која најави дека ќе се жали на одлуката, потег кој е без преседан во британската судска пракса.

Роуз го извести судот дека ќе се жали поради тоа што одлуката била донесена врз основа на докази за кои претходно не било расправано. Претседавачкиот судија и даде рок од две недели да подготви жалба и да ја оспори пресудата, што значи дека евентуалната екстрадиција на Асанж нема да се случи пред средината на јуни годинава.

Дури и доколку британскиот Врховен суд ја одбие жалбата, на адвокатите на Асанж потоа им преостанува да се жалат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, иако е мала шансата одлуката на тој суд да има влијание врз решението на британскиот суд.

40-годишниот компјутерски хакер со австралиско државјанство го потресе светот со објавувањето на стотици илјади тајни документи на американскиот Стејт Департмент и на Пентагон.

Асанж тврди дека обвинението против него во Шведска е поднесено под притисок на САД, каде е под истрага поради објавувањето на тајните документи на Викиликс. Доколку се жали пред судот во Стразбур, тој ќе треба да докаже дека неговата физичка безбедност и психолошка стабилност ќе бидат загрозени во Шведска.

Шведскиот адвокат Клас Боргстром кој ги застапува двете жени кои го тужат Асанж, ја поздрави одлуката на британскиот суд, иако забележа поради долгото траење на процедурата. Тој ги отфрла сугестиите дека мотивите зад целиот случај се всушност екстрадицијата на Асанж во САД.

„Тој нема да биде во поголем ризик да биде екстрадиран од Шведска, одошто беше од Британија“, изјави Боргстром.