1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Односите меѓу Јапонија и Кина повторно се затегнаа

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го повика јапонскиот амбасадор за да изрази острар протест поради посетата на јапонскиот премиер Шинзо Абе на контроверзниот храм Јасукуни, посветен на јапонските воини.

Кинеското МНР ја повика Јапонија да се држи до своите ветувања во однос на времето од воената агресија врз земјата.

„Ние официјално ја повикуваме Јапонија да се придржува кон своите заложби во однос на нејзината историја на агресија, да преземе мерки за да ја поправи својата грешка, да ги елиминира негативните ефекти и да преземе конкретни активности за да ја добие довербата на своите азиски соседи и на меѓународната заедница", изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Чин Ганг.

Односите меѓу Токио и Пекинг се отежнати поради територијалните спорови кои потекнуваат од јапонската окупација на големи делови од Кина.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе (на насловната фотографија) рече дека неговата посета на воениот храм немала за цел повреда на луѓето во соседните земји.

„Свесен сум дека поради недоразбирање некои луѓе ја критикуваат посетата на храмот како чин на обожување на воените злосторници, но мојата посета беше заложба да се создаде ера во која луѓето повеќе нема да страдаат од катастрофите во војната“, рече Абе. Тој притоа додаде: „Воопшто немав намера да ги повредам чувствата на Кинезите или Јужнокорејците“.

Но, официјален Пекинг на посетата гледа како на глорификација на јапонската „милитаристичка агресија“ од минатото. Кинеските власти сметаат дека „суштината на посетата на јапонските лидери на храмот Јасукуни е разубавување на историјата на јапонската милитаристичка агресија и колонијално владеење“.

Храмот Јасукуни е посветен на загинатите во десет јапонски војни, а меѓу нив се илјадници осудени воени злосторници од Втората светска војна. Многу Јужнокорејци храмот ги потсетува на јапонската брутална окупација на Корејскиот полуостров од 1910. до 1945. година.

САД „се разочарани“ од посетата на јапонскиот премиер на контроверзниот храм, што ќе ја зголеми напнатоста во регионот, соопшти американската амбасада во земјата.