1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Однесувањето на Хрватска - неприфатливо за ЕУ

Брисел најави санкции против Хрватска, доколку не попушти во спорот околу израчувањето хрватски државјани на странски судови. Премиерот тоа го одби. Прашањето е само - зошто?

Она што еврокомесарката за правда го најавуваше со денови, од средата (18.09.2013) е официјално: Европската комисија поведе постапка против Хрватска. Ова на ЕУ, според Вивиен Рединг, ѝ овозможува воведување „соодветни мерки“ со цел владата во Загреб, предводена од социјалдемократите, да ја поттикне конечно правилно да го примени европското право за налог за апсење.

Josip Perkovic

Јосип Перковиќ

Наведени се и конкретни мерки: 80-те милиони евра, кои ѝ се наменети на Хрватска од ЕУ во наредната година во рамките на проширувањето на Шенгенскиот простор, можат да бидат замрзнати. Исто така, предвидено е и засилено надгледување на хрватската внатрешна и надворешна политика. ЕУ-членките имаат рок од десет дена за одлука во врска со овие мерки. Исто толку време има и хрватската влада на чело со премиерот Зоран Милановиќ, за да го смени ставот.

Хрватска бара повеќе време

Со ова ЕК сака да го зголеми притисокот за промена на хрватскиот закон. Кратко пред приемот во ЕУ на 1. јули, хрватскиот парламент донесе специјален закон, со кој го ограничи важењето на европскиот налог за апсење за кривични дела извршени по август 2002 година. Целта на законот, според аналитичарите, е заштита на поранешниот генерал во тајната служба, Јосип Перковиќ и други 20 лица од израчување, поради што во Хрватска законот се нарекува „Лекс Перковиќ“. Германија има издадено потерница по некогашниот таен аегент, чиј син е советник на актуелниот претседател, поради тоа што е осомничен за давање налог за убиство на југословенски дисидент во 1983 година во баварскиот град Волфратсхаузен.

Dokument EU Komission

Документот од ЕУ со предлози за санкции против Хрватска

Временското ограничување на европскиот налог за апсење е недвојбено, јасно прекршување на европското право, критикува еврокомесарката Вивиен Рединг. Под притисокот од Брисел хрватската влада најави подготвеност да го смени спорниот закон, но промената би била со важност дури од 15. јули 2014. година.

„Овој долг рок е неоправдан“, одговара Рединг. Летоска на Хрватска ѝ беа потребни само неколку дена за да ги смени своите закони и да ги спротистави на ЕУ-прописите. Според Рединг, не е потребно подолго време ниту за враќање на важноста на претходните правила.

Премиерот покажува тврдоглавост

Хрватската влада досега не покажа никаква подготвеност за компромис. Премиерот Милановиќ реагира многу чувствително на барањата од Брисел. На почетокот на неделата изави дека Хрватска не е „резерват за птици“ и дека „никој не смее да го брише подот со Хрватска“. Во земјата се шпекулира што всушност сакал со ова да каже.

Политичарите од владејачката коалиција досега воздржано реагираа на тврдоглавиот став на премиерот. Многумина се критички настроени кон законот. Весна Пусиќ, претседател на коалиционата Хрватска народна партија и хрватска министерка за надворешни работи, од почеток беше противник на спорниот закон.

Состојба на ригидност

Хрватската јавност на ставот на Милановиќ реагира со мешавина од вчудовиденост и шокираност. Коментаторите на бројни хрватски весници и онлајн портали се обидуваат да ги одгатнат можните мотиви на премиерот. Некои претпоставуваат дека Јосип Перковиќ, кој како во екс-Југославија, така и во независна Хрватска, играше важна улога во тајните служби, може да открие ваклани тајни при евентуално израчување во Германија.

Kroatien Premierminister Zoran Milanovic Archivbild

Зоран Милановиќ

Хрватскиот политиколог Давор Џенеро пак смета дека Милановиќ со своето однесување сака да го одвлече вниманието на јавноста од лошата економска ситуација во земјата. Но, со тоа би ја довел Хрватска во ќорсокак.

„Сегашната ситуација во Хрватска е парадоксална. Опозицијата, претседателот, помалите партнери во владата, сите се шокирани од однесувањето на Милановиќ. А тој, како што изгледа, сѐ уште ја има владата цврсто во рацете и спречува можно решение“, вели Џенеро. Милановиќ е политичар кој го протежираше пристапот на Хрватска во ЕУ, но самиот нема поим за ЕУ и механизмите кои таму владеат, вели политикологот: „Тој учествува на состаноците на ЕУ, но не комуницира со никого“.

Обвинувања на сметка на Брисел

Уште повеќе, социјалдемократот Милановиќ дополнително ја заострува настанатата ситуација и за неа не ги обвинува само домашните конзервативни сили, туку и Европа. Тој кон средината на неделата ги продолжи обвинувањата и пред парламентот, префрлувајќи му на лидерот на опозиционата Хрватска демократска заедница дека врши ширење антихврватско расположение во Германија. Томислав Карамарко, претседател на партијата, на почетокот на неделата беше во Германија како гостин на предизборен митинг на пријателската Христијанско-демократска унија и во Риселсхајм се сретна со канцеларката и лидер на ЦДУ, Ангела Меркел.

Viviane Reding

Вивиан Рединг

Сопартијката на Милановиќ и европратеничка Билјана Борзан отиде чекор подалеку. Во интервју за едно хрватско радио таа изјави - еврокомесарката Вивиен Рединг покажува сила кон Хрватска само затоа што сака да се профилира како наследничка на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо.

„Таа е веќе во изборна битка и по секоја цена се обидува да го привлече врз себе вниманието на медиумите“, рече Борзан.

Моментно конзервативната ХДЗ е единствената сила во Хрватска која може да профиртира од аферата Перковиќ. Од избивањето на оваа афера порасна нејзината популарност. Набљудувачите претпоставуваат дека доколку потрае аферата Перковиќ, повиците за предвремени парламентарни избори можат да станат посилни.

Поврзана содржина