1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Однесувањето на Гутенберг е срам за Германија

Германскиот министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг не сака да даде оставка, и покрај аферата со неговата докторска дисертација. Тоа е срамота за политичката култура во Германија.

default

Еден министер, за кого се докажа дека лажел, мамел, дека се кител со докторска титула преку плагијат, не може да остане на функцијата. Срамота е што германскиот парламент цел ден мораше да се занимава со плагијатот на еден министер, кој арогантно, со помош на весникот „Билд“, отфрла секаква одговорност. Уште посрамотно е што овој министер ја има поддршката на канцеларката и пратениците на владејачката коалиција.

Факт е дека Карл Теодор цу Гутенберг лажел. Тврдеше дека низ седумгодишна напорна работа, самиот ја напишал дисертацијата, според своите знаења и совест. Сите обвинувања дека препишувал, ги отфрли како апсурдни. Дури кога доказите за плагијат во докторската работа и во биографијата се намножија, се одлучи на организирано повлекување. Соопшти дека ќе се откаже од докторската титула. Навистина чудно сфаќање на правото на еден правник? Академската титула не може туку-така да се врати, а особено не на ваков начин, спречувајќи темелна истрага за оправданоста на критиките, што му беше намерата. Но, тоа не му успеа.

Deutschland Bundestag zu Plagiats-Affäre Karl-Theodor zu Guttenberg

„Mинистерот е разоткриен како плагијатор, уште повеќе, како лажго и хохштаплер!“

Универзитетот извршил проверка на препишуваните делови и му ја одзеде академската титула-доктор на науки. Професорите не навлегувале во обвинувањата дали во прашање е смислена измама. Но, доволен е резултатот: министерот е разоткриен како плагијатор, уште повеќе, како лажго и хохштаплер. Тој не може долго да остане на функцијата, без разлика на неговиот шарм и политичкиот талент. Овде не се работи за ситници, за немарност и изоставени наводници и фусноти. Овде се работи за смислена лага и измама, за недоволно почитување на законот и недостиг на веродостојност. Конечно, во прашање е и добриот глас на германската наука и на сите оние кои со навистина напорна и долгогодишна работа ги напишале своите докторски дисертации, без зад себе да имаат фамилија со милионски имот, кои дури мораат да го одложат и формирањето свое семејство. Се работи за достоинството на оние млади научници, кои за својата научна кариера мораат да платат скапа цена, живеејќи во речиси човечки недостоинствени услови и работејќи во економска несигурност на германските универзитети, осакатени преку неолибералните реформи.

Штета е што сето отиде толку далеку и што се компромитираше еден несомнено надарен млад политичар. Но ако Карл Теодор цу Гутенберг остане на функцијата, политичката култура во Германија би била трајно оштетена.

Коментар: Бетина Маркс

Превод: Жана Ацеска