1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Одненадеж, во Ирска има повторно перспектива

Невработеност од 15 проценти, бесперспективност - илајдници Ирци поради рецесијата побегнаа од земјата. Но, кај некои надвладеа носталгијата и, кога ирската економија се чини дека полека заздравува, решија да се вратат.

На бродови, пред 150 години ирски семејства бегаа од гладот и сиромаштијата. Од почетокот на финансиската криза повторно млади Ирци си ја бараат среќата преку море, 50-ина илјади годишно.

Ешли О’Тул е една од нив. Пред две години таа отиде во Австралија и таму бргу најде работа. Но, копнежот беше пресилен и кога таа почна да се распрашува во татковината, се изненади. „Не можев да и’ се изначудам на мојата среќа. Уште пред да ја напуштам Австралија, имав три фиксирани термини каде што конкурирав. Само еден месец по враќањето можев да почнам да работам. Навистина добро испадна“, вели О’Тул.

Таа бргу постигна согласност со голема консултантска фирма во Даблин, каде е задолжена за еколошката прифатливост на големите градежни зафати. Повторно дома, подобра плата, поинтересна работа - враќањето и’ се исплати. За нејзиниот шеф Ешли дојде како нарачана.

„Ирска веќе доживеа и други тешки времиња, но ние имаме национална програма за излез од кризата и се придржуваме кон неа. Во нашава фирма и во многу други има јасни знаци дека повторно се враќа економската сигурност“, истакнува П.Џ. Руден, од консалтинг-фирма РПС.

Ирска полека се опоравува

Добро квалификувани кандидати како Ешли повторно имаат шанса на ирскиот пазар на работна сила, но за најголем дел од речиси 15 проценти невработени нема спас на повидок.

Temple Bar Dublin

Даблин

Економистот Том Мекдонел истакнува: „Сега имаме една огромна група од населението, претежно млади луѓе со лошо образование, без изгледи било кога повторно да најдат работа во градежништвото. Се’ додека не ги преквалификуваме и дообразуваме, тие ќе имаат многу, многу мрачна иднина“.

Ирците, значи, уште долго нема да ја надминат кризата, иако се множат знаците за кревко опоравување на земјата. Ешли во секој случај по враќањето затекна поинаква Ирска, од онаа што ја напушти. Таа вели дека луѓето се промениле, додека таа беше во Австралија. „Сите се прилагодија на ситуацијата. Кога заминав пред две години, сето беше многу тажно, а луѓето беа лути. Кога се вратив, се чини дека сите прифатија што се случувало и решија да гледаат напред и да го извлечат најдоброто од состојбата. Тоа беше многу убаво изненадување“.

Можеби токму тоа - нескршливиот оптимистички карактер на нејзините жители - е она што на крајот или на долг рок ќе му помогне на зелениот остров.