1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Одмор од соништата

Туристичките крстарења се на успешен курс. За голем број Германци уживањето на големите мултифункционални бродови е одмор од соништата. Германија е втор по големина пазар за туристички крстарења во Европа.

Во Џенова е 8 часот наутро: „Сплендидa", еден од најголемите бродови на италијанската бродска компанија МСЦ, влегува во пристаништето. За изградба на овој брод се инвестирани речиси 400 милиони евра.

На бродот се качуваат и многу германски туристи. Тие штотуку пристигнаа од Минхен. Крстосувањата се посебно омилени за младите парови и семејствата. Брачниот пар Килц и нивниот син со ова патување го исполни својот сон. Ева Килц вели:

„Останав без зборови. Ова е мое прво крстарење. Првпат гледам ваков брод. Ова мора прво емоционално да се преработи. Тоа е нешто многу, многу убаво!"

Бродските компании се борат за гости. Што повеќе понуди, толку подобро. Палубите со базени, спа и велнес понуди се стандард. Компаниите кои нудат крстарења парите не ги заработуваат само од патувањата, туку пред се' од продавниците, рестораните и излетите на копно. Разгледувањето на градовите чини меѓу 40 и 70 евра по човек. За германските гости разгледувањето е на германски. Моника Рихтер, портпарол на МСЦ Крузес вели:

„Германија е по големина втор пазар за крстарења во Европа. Побарувачката во последно време многу се зголеми, посебно во последните 5 години. Се очекува дека пазарот во Германија и понатаму ќе бележи голем раст".

Бродот во 16 часот испловува во правец на Шпанија. Патувањето по Средоземјето е воедно и патување по европските земји кои се погодени од должничката криза. Размислуваат ли туристите на бродот за тоа?

„Тоа е често дилема. Ние можеме да си го дозволиме ова, но знаеме дека таму на копното живеат луѓе кои тоа не можат да си го дозволат. Каде е границата помеѓу одморот и размислувањето - тоа е многу тешко да се каже“, нагласува Ева Килц.

На бродот кризата е многу далеку. Најголемиот дел од патот се поминува навечер. Патниците се забавуваат во баровите. Заработката од пијалоци е дополнителен извор на приход за бродските концерни. Следното утро, пристигнување во пристаништето во Барселона.

Во пристаништето патниците веќе ги чекаат таксисти. Туристите во моментов ја осигуруваат нивната егзистенција. Заработувачката на таксистите е намалена поради кризата.

„Состојбата во Шпанија е лоша, нема работа. Заработуваме 40 проценти помалку", вели еден таксист.

Семејството Килц тоа речиси и да не го забележува. Тие се едноставно на одмор. За 8 дена, 4 земји. Утре се продолжува кон Тунис.