1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одмазда на Ал Каеда во Јемен?

Армијата на Јемен гордо соопшти дека ослободила две провинции под контрола на Ал Каеда. Крвавиот самоубиствен напад во Џар се смета за одмазда на терористичката мрежа.

На југот на Јемен во самоубиствен бомбашки напад загинаа најмалку 35 лица. Уште близу 40 луѓе се повредени во атентатот во Џар, соопшти министерството за одбрана на Јемен и гувернерот на провинцијата Абјан каде што бил изведен нападот. Бомбашот самоубиец се разнел себеси за време на погребот на еден роднина на командантот на Народните комитети- паравоена формација чии милиции ги поддржуваат регуларните воени сили на Јемен во борбата против терористичката мрежа Ал Каеда. Тие во голема мерка придонесоа и за ослободување на градот Џар, кој заедно со останатите приградски населби во изминатите години беше во рацете на Ал Каеда.

Жители на градот велат дека Ал Каеда со нападот сакала да им се одмазди на Народните комитети за нивната поддршка на јеменските воени сили. Борците на терористичката мрежа беа протерани од градот во јуни годинава.

Ал Каеда односно нејзиниот разгранок во Јемен наречен „Партизани на Шаријата“ во изминатата година го искористија заслабнувањето на владата поради протестите против тогашниот претседател на државата Али Абдула Салех за да ја зголемат својата моќ на југот и на истокот на земјата.

Петмина припадници на Ал Каеда вчера загинале во напад на беспилотно летало токму на истокот на земјата. САД се единствените кои имаат беспилотни летала - т.н дронови во регионот со кои постојано извршуваат напади против борците на Ал Каеда.