1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Одлуката за датумот за Македонија одложена за јуни

На Советот на министри одржан денеска (22.04) во Луксембург, покрај една од главните теми – Србија и Косово, беше претставен извештајот за Македонија на Европската комисијата од минатата недела.

За претставувањето на извештаите за трите земји информираше Ејмон Гилмор, ирски заменик-премиер и министер за надворешни работи и трговија. Тој информираше дека извештаите за Србија, Косово и Македонија ќе бидат испратени во главните градови на земјите-членки, при што ќе се разгледаат „чекорите што треба да се преземат пред самитот во јуни“.

Еврокомесарот Штефан Филе на прес-конференцијата се осврна единствено на Србија и Косово. Од неговиот кабинет за Дојче веле велат дека за Македонија било дискутирано на состанокот во Луксембург, но дека нема што многу да се каже. „Се држиме до препораките од есенскиот извештај за Македонија“, велат за Дојче веле од кабинетот на Филе и за проценката на напредокот упатуваат на извештајот објавен минатата недела. Тој извештај е пресек на шесте месеци по објавувањето на извештајот за напредокот на земјата.

Во него се регистрираат настаните од 24 декември и политичката криза што настана потоа, како и решавањето на истата со договорот од први март. Европската комисија потсетува дека во извештајот за напредокот на земјата, кој ќе биде објавен во октомври годинава, ќе биде дадена „оценка на функционирањето на институциите“, како и „проценка на целосното спроведување на обврските од договорот од први март и работата на Анкетната комисија за настаните од 24 декември 2012“. Европската комисија забележува дека и покрај политичката криза во парламентот земјата продолжила да спроведува реформи.

Европската комисија и „натаму е загрижена за автоцензурата, лошите работнички права на новинарите и јавната достапност до објективно известување“. „За време на изборите во март набљудувачите регистрираа недостаток на избалансираност во известувањето од страна на јавниот дифузер и приватните телевизии“.

Во извештајот се забележува и дека во минатите шест месеци односите со соседите останале добри и оти биле „преземени чекори во насока на билатералните односи со Бугарија и Грција. Формалните разговори за прашањето за името добија нов импулс за време на периодот од извештајот“.

Србија и Косово во фокусот

Најголемо внимание во Луксембург им се посвети на Србија и Косово. Договорот меѓу двете земји на прес-конференцијата беше оценет како историски. Еврокомесарот Филе им честиташе на двајцата премиери и објави дека „Европската комсија им препорача на земјите-членки да се отворат преговори со Србија и да се почнат преговори за Договорот за стабилизација и асоцијација со Косово“. Србија и Косово заслужија да се придвижат нанапред во европските интеграции, оцени Филе. Тој нагласи дека повеќе не постои „друг предуслов од партнерите, покрај оној којшто беше од минатиот извештај за напредокот од октомври“, за Србија и Косово да напредуваат во ЕУ-интеграциите.

Поврзана содржина