1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одложен процесот против Муслиманските браќа

Водачот на египетските Муслимански браќа на првиот ден од процесот против него не се појави пред судот. Во исто време продолжи судскиот процес против екс претседателот Мубарак.

Во Каиро денеска (25.08.) почна судењето против врховниот водач на Муслиманските браќа и двајца негови помошници. Египетскиот суд меѓутоа го одложи судењето на тројцата челници на исламистичкото движење Муслиманско братство, од кое потекнува отстранетиот претседател Мохамед Мурси.

Врховниот водач на Муслиманското братство, Мохамед Бадие и неговите помошници Хират ал-Шатер и Рашад Бајуми, ќе бидат изведени пред судот на 29-ти октомври и би можеле да бидат осудени на смртна казна доколку се докаже дека се виновни за „поттикнување на убиство и убиство“ на осум демонстранти убиени пред седиштето на движењето во Каиро на 30-ти јуни за време на протестите на противниците на подоцна сменетиот претседател Мурси. Тие денеска не дојдоа во судот, поради безбедносни причини, се вели од египетскиот главен град.

Покрај на нив, истовремено ќе им се суди и на уште 29 други лица за директно учество во насилствата истиот ден кога започна масовно мобилизирање на приврзаниците на Мурси за негова поддршка, а подоцна по 3-ти јули и за негово ослободување.

Речиси истовремено со почетокот на процесот против водачите на Муслиманските браќа во Каиро се одржи нова седница во просецот против екс претседателот Хосни Мубарак и неговите двајца синови Алаа и Гамал.

Од 2011 година се води судски процес против Мубарак поради обвинување за убиство на повеќе од 800 демонстранти за време на масовните протести. Тој пред неколку денови беше ослободен од истражен затвор. Оттогаш тој е во една воена болница, каде владата го држи во притвор.

Египетската преодна влада во меѓувреме објави дека полицискиот час воведен по крвавите судири се скусува. Во Каиро и 13 провинции во земјата забраната за излегување ќе важи од 21 часот, а не како досега од 19 часот. Во петоците меѓутоа останува во сила старото правило, оти по петочните молитви се стравува од нови демонстрации на приврзенциите на Мурси.