1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Одложен почетокот на НСУ-процесот во Минхен

Вишиот покраински суд во Минхен го одложи почетокот на судскиот процес против припадници на групата „Националсоцијалистичко подземје“ за три недели. Причина - спорот околу распределбата на местата за следење на процесот.

Акредитирањето на новинарите за следење на судскиот процес против неонацистите во Минхен сега ќе почне одново, соопшти Вишиот покраински суд.

„Тоа временски и организаторски не беше можно до планираниот почеток на процесот на 17 април“, стои во заклучокот на судот.

Сојузниот Уставен суд во петокот (12.04) ја прифати жалбата на турскиот дневник „Сабах“, наложувајќи му на судот во Минхен дека мора да обезбеди „соодветен број загарантирани места за претставниците на странските медиуми кои имаат посебна врска кон жртвите“. Ова не беше земено предвид при првичната распределба на 50-те места за новинари во судницата.

Турските медиуми се жалеа на фактот што не им беше овозможено директно следење на процесот. Кај турските медиуми постои голем интерес, затоа што осум од десетте жртви на деснотерористичката група „Националсоцијалистичко подземје“ беа со турско потекло. Судскиот процес против главнообвинетата Беате Чепе требаше да почне в среда.

Полицијата и судството долго не можеа да го согледаат десноекстремистичкиот карактер на убиствата на десеттемина луѓе од страна на неонацистите, што предизвика редица скандали и оставки во редовите на германските служби за безбедност.