1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Одложена средбата Груевски - Папандреу

Средбата меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Никола Груевски и Јоргос Папандреу, што попладнево (28.10.2010) требаше да се одржи во Брисел, е одложена за утре.

default

Груевски и Папандреу на една од нивните поранешни средби (архива)

Според информациите, средбата е одложена на барање на грчката страна поради учеството на премиерот Папандреу на средбата на Социјалистичката интернационала, која траела подолго од предвиденото, како и неговото учество на Европскиот Совет, на кој попладнево ќе се разговара за економските состојби во земјите-членки на Европската Унија. Македонскиот премиер Никола Груевски во изјава за медиумите пред неколку дена истакна дека очекува средбите со неговиот грчки колега Јоргос Пaпандреу во иднина да бидат посуштински. Македонскиот премиер, инаку, до крајот на неделава престојува во Брисел непосредно пред објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес и евентуалното давање датум за почеток на преговорите за пристап.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо по вчерашната средба со Груевски порача дека очекува Македонија и годинава да добие позитивен извештај, како и да се најде решение за прашањето за името.

„Минатата година дадовме препорака за почеток на преговорите за членство и за визна либерализација. Тоа беше јасно признание за спроведените реформи и охрабрување за решавање на прашањето за името. Дојде време земјата да не ја испушти оваа историска шанса. Идентитетските прашања се секако важни, но уште поважно е минатото да не ја држи иднината во заложништво. Ги повикувам двете страни да ја надминат оваа пречка што е можно побргу. Се надевам дека тоа ќе се случи и оти прашањето за името ќе биде решено. Тоа е важно за вашата земја, за регионот и за сите нас во Европа“, изјави Барозо на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер.

Тој ја оцени средбата како корисна пред објавувањето на извештајот за Македонија на 9 ноември. На премиерот Груевски му пренесол дека треба да се задржи динамиката на реформскиот процес и да се гради консензус со сите релевантни политички партии. Тој порача и да не се злоупотребува визната либерализација, укажувајќи оти треба да биде јасно дека безвизниот режим не значи и можност за работа во земјите на ЕУ.

Автор: ЖА/ЕМФ/миа/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска