1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Одлична година за германскиот фудбал

Германската фудбалска репрезентација со одлични игри ги заслужи сите почести во 2011 година. По победите над Бразил и Холандија, со нетрпение се очекува големото финале против Шпанија

default

Одлична година за германскиот фудбал

Со извонредна игра и победа од 3:0 над големиот ривал Холандија, германската фудбалска репрезентација ја круниса сезоната 2011. Со триумфот, селекцијата на Јоаким Лев и дефинитивно ја презеде улогата на фаворит на следното Европско првенство во Полска и Украина во 2012.

„Секако дека тоа е причина за радост и задоволство, кога можете да се надигрувате со најдобрите и кога успевате да ја наметнете вашата игра. Тоа ни‘ дава самодоверба и е доказ дека сме на добар пат“, оцени Лев, кој изрази задоволство од играта во текот на целата сезона.

Квалификациски рекорд

На 11 октомври во Диселдорф националната селекција прослави историски успех. Победата од 3:1 над Белгија беше десетта во исто толку квалификациски мечеви за европското првенство.

„Десет натпревари, десет победи. Што може повеќе да се посака“, задоволен беше Лев.

Сепак, врв на сезоната беше победата од 3:2 над Бразил на пријателскиот меч одигран во Штутгарт, во август. Тоа беше прва победа против петкратниот светски првак во последните 18 години. Одушевен беше и бразилецот Џоване Елбер, поранешниот напаѓач на Бајерн Минхен.

Fußball Joachim Löw Bundestrainer

Селекторот Јоаким Лев

„Германија го контролираше мечот, одлично комбинираше, играше брзо и директно, слично како Барселона. Секој кој сака да стане светски првак во 2014 година ќе мора да ја мине Германија“, рече Елбер.

Националниот тим е мешавина од искуство и младост. Додека играчи како Филип Лам, Лукас Подолски, Бастијан Швајнштајгер и Марио Гомез веќе се сметаат за искусни, помладите како Месут Езил, Томас Милер и Марио Геце ја носат неопходната свежина.

19-годишниот Геце од Борусија Дортмунд против Бразил за првпат се најде во почетниот тим.

Јоаким Лев беше презадоволен со неговиот учинок.

„Тој е многу напреден за неговите години, и во однос на прегледот на играта и со техниката“, вели Лев.

Балак испратен во пензија

51-годишниот селектор, кој во текот на годината предвреме го продолжи договорот со фудбалската федерација до 2014. година, во меѓувреме се ослободи и од дел од постарите играчи - како Михаел Балак, на пример. Но, во тимот нема гаранции за никого. Лев вели дека на располагање има 25 добри играчи кои во секој момент можат да се ротираат. Со таквото мислење се согласува и најдобриот стрелец на Мундијалот од 2010. - Томас Милер.

„Имаме голем избор. Не треба да стравуваме доколку некој се повреди. Секој што ќе влезе во игра, не само што дава се од себе, туку има и квалитет за да помогне. Тоа е голема предност“, вели Милер.

Проблеми во одбраната

Сепак, не беше се‘ мед и млеко. Доколку поразот во пријателскиот меч со Австралија не предизвика голема загриженост, не треба да се потценат проблемите во одбраната со кои тимот особено се соочи во пријателскиот дуел со Украина во ноември, кој заврши нерешено 3:3. За селекторот Лев тоа беше знак дека тимот треба да се „спушти на земја“.

Fussball EM-Qualifikation DFB Nationalmannschaft Gruppe A 9. Spieltag Deutschland gegen Österreich

Мирослав Клозе и Месут Езил

„Важно е да не се создава еуфорија. Ние сме навистина добри, но одлучувачки на турнирот нема да бидат овие мечеви, туку формата која ќе ја покажеме тогаш“.

На последните две големи натпреварувања, европското и светското првенство, Германија губеше од силната Шпанија. Според многумина, овие две селекции се главни фаворити и на претстојниот шампионат, но Лев не мисли така.

„Сите зборуваат за дуелот Шпанија-Германија. Тоа е погрешно, има и други тимови кои можат да станат прваци“.

За маестрото од средината на теренот, Месут Езил, по 15 сушни години без трофеј, време е за исчекор.

„Ние сме млад тим, гладен за успех. Верувам дека можеме до титулата. Мислам дека дојде нашето време“.

Автор: Арнулф Бечер

Редактор:Борис Георгиевски