1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одисеја на бегалците од Либија во Хамбург

Илјадници Африканци со чамци се решаваат на опасен пат кон Европа. За многумина авантурата завршува трагично. Во Германија не значи автоматски - кој дошол, може и да остане, што покажува и примерот на Андреас од Гана.

Надежта на Андреас се вика Хамбург. 30-годишниот човек зад себе има долг пат: по студиите во татковината Гана, отишол во Либија на печалба. Но, започнала војната против режимот на Гадафи, па Андреас преку море побегнал кон Европа, стигнал во Италија. Таму живеел две години во различни бегалски логори, пред да му дадат туристичка виза и да му речат дека треба да си замине: „Ми рекоа, еве ти 400 евра, мораш да се снајдеш, хуманитарната програма заврши“.

Андреас, кој не сака да го каже вистинското име, во Италија покрај неколкуте стотици евра добил и еден совет, исто како и осумдесет други бегалци: „Одете во Германија, тие таму имаат повеќе пари“.

Повторно на пат, но овојпат важечките патнички документи тоа го овозможиле без проблеми. Во Хамбург бегалците прво живееле на улица. На почетокот на јуни пасторот Зигхард Вилм ги пробрал во црквата во хамбуршкиот кварт Санкт Паули.

„Едноставно не можевме повеќе да гледаме како луѓето живеат на улица. Тие се луѓе, имаат основни потреби, човечки права. Ако политиката ги затвора очите, ние мораме да ги отвориме нашите, тоа е така“, вели свештеникот.

Западот е соодговорен

Во дворот на црквата се поставени бели шатори, во кои бегалците можат да се сместат. „Амбасада на надежта“, стои на еден шатор, рачно напишано.

Во меѓувреме се води еден вид одмерување сили меѓу црквата, која покажува милосрдие и хамбуршката влада, која укажува на законите: оној кој ќе пристигне во Италија, мора таму да побара азил. Тоа е предвидено со договорите на Европската унија, т.н. правилник Даблин 2, вели портпаролот на хамбуршкиот сенат, Јерг Шмол.

Obdachlose Flüchtlinge aus Afrika in Hamburg

Бегалците на улиците на Хамбург

„Луѓето од Африка, кои кај нас стигнале преку Италија, имаат некој вид туристичка виза со времетраење од три месеци. По истекот, не можат да добијат никаков важечки документ за престој, затоа мора да се вратат“.

Станува збор за вкупно 300 африкански бегалци од Либија, ним им се заканува протерување во Италија.

Тие сакаат да укажат на својата пложба преку информативен штанд: „Не ја преживеавме војната на НАТО во Либија за да умреме на улиците на Хамбург“, стои напишано на него. Западот е соодговорен за нивната судбина, тоа е нивната порака, истакнува Афо-Часеи, исто така бегалец кој од Италија дошол во Германија, а не сака да го каже целосното име.

„Ние не сме случајно овде, туку од одредена причина, зашто во Либија имаше војна. Отворете ги очите! На другите земји постојано им кажувате колку се важни демократијата и човековите права, сега вие имате обврска. Не држете само проповеди“.

Граѓанска солидарност

Онаму каде потфрлува хамбуршката влада, активни се некои жители од левата сцена на квартот Санкт Паули: тие ја перат облеката на бегалците, им носат храна или пари, како Сузане Милер - Усинг: „За мене е важен сегашниот момент и помошта од која овде има потреба. Не е важно нешто да се докаже, туку да функционира нашето соседство овде. А мислам дека тоа овде е можно“.

Покрај Санкт Паули, и други квартови примија бегалци од Либија. Ако ним им се признае правото на престој, тоа може да провлече дополнителен број бегалци, стравува хамбуршката влада, а во Хамбург веќе ги има повеќе од 20 илјади, кои директно стигнале во Германија.

Андреас и другите бегалци од Либија не сакаат да се откажат од нов почеток во Хамбург, зашто градот-покраина се‘уште не донесол дефинитивна одлука за нивно протерување.

Поврзана содржина