1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одговорот на Ахмадинеџад косеквентен на досегашната линија на Иран

И да е во право во оцените за однесувањето на меѓународната заедница во атомското прашање, Ахмадинеџад нема многу да постигне ако бара да се сврти на глава целиот систем на меѓународните односи

Ахмадинеџад на прес-конференцијата

Ахмадинеџад на прес-конференцијата

Не беше никакво изненадување кажаното на вчерашната повеќечасовна прес-конференција на иранскиот претседател. Она што сега во Вашингтон и другите западни главни градови се прима како нова навреда од страна на Техеран, всушност е консеквентно продолжување на досегашната иранска линија.

Иран, а не само Ахмадинеџад, го смета за свое право да врши атомски истражувања за мирољубиви цели и да користи атомска сила за мирољубиви цели. Таквото право, вклучително и облагородување на ураниум, им се признава на потписниците на Договорот за неширење на атомското оружје. Во Иран се прима како недозволено спречување од страна на САД тоа што единствено нему во регионот му се забранува она, што го прават и други, иако не го потпишале Договорот – како Израел, Индија и Пакистан. Ахмадинеџад од ова развива една сосем особена слика за светот: САД и Велика Британија ги користат своите привилегии за светот да го покорат на нивната волја, па ги диктираат работите и во Советот за безбедност на ОН. Иранскиот претседател бара радикална промена на таквите состојби.

Со тоа тој целно се направи себе си гласноговорник на сите оние во светот кои се чувствуваат слично беспомошно изложени на американското самоволие – посебно во исламскиот свет. Нив Ахмадинеџад ги залажува дека ќе дојде помош од Техеран, оти Иран не бил подготвен да попушти пред притисокот. Ахмадинеџад театрално го предизвикува американскиот претседател Џорџ Буш на телевизиска дебата за светската политика, во која тој нему и посебно на американското население сакал да им објасни каде лежат грешките.

Со ова намера на иранскиот претседател е не само да му расте угледот во исламскиот свет, туку и да го одврати вниманието дома од тоа дека се’ уште не се исполнети многу од неговите минатогодишни предизборни ветувања. Колку год и да е во право во оцените за однесувањето на меѓународната заедница во атомското прашање, Ахмадинеџад нема многу да постигне ако сега бара да се сврти на глава целиот систем на меѓународните односи.

Иранскиот претседател очигледно копнее по деновите на револуцијата, кога Иран веруваше дека ќе може да излезе на крај без остатокот на светот. Во Техеран одамна согледаа дека тоа не оди така. Ова не значи дека треба да се откаже од своето право, но сепак значи дека треба да се покаже малку вештина, дипломатија и стил во однесувањето, работи кои постојано недостасуваат кај Ахмадинеџад.