1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Одговорниот работник Манмохан Синг

Во Индија денеска (16.04.2009) почнуваат парламентарни избори, кои ќе имаат пет фази и ќе траат до 13 мај. Право на глас имаат 714 милиони граѓани. Премиерот Манмохан Синг е повторно во трка.

default

Манмохан Синг не е добар говорник, но е работник

Искреност, скромност, стручност - тоа не се предуслови и вредности кои досега беа многу барани во тврдата и нефер индиска политика. Манмохан Синг, како што некогаш потценувачки се нагласува, со неговото монотоно, тивко зборување не е добар говорник, но е одговорен работник. Се чини, токму поради тоа, Синг успеа да излезе на крај со неброените кризи во текот на неговиот мандат.

Wahlen Kashmir Indien

714 милиони избирачи ќе одлучат за составот на парламентот кој брои 540 места

Експертот за Индија од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин, Кристијан Вагнер, кризниот менаџмент на Синг го оценува позитивно: „Мислам дека во делот на индиско-американскиот нуклеарен договор, тој на вага ја стави сета своја политичка тежина. Тоа сигурно ќе му обезбеди место во историските учебници. Не беше лоша ниту реакцијата по нападите во Мумбај. Индија многу умешно го искористи вниманието на светот за дипломатски да го притисне Пакистан и да побара разјаснување. Во оваа смисла, нападот не предизвика натамошно влошување на односите, и покрај тоа што во моментов не се води дијалогот за поврзување меѓу двете земји.“

Економското чудо не го доживеале 70% од граѓаните на Индија

Во изминатите години Индија бележеше економски пораст и до 9%. Глобалната економска и финансиска криза ќе го намали порастот, но според проценки на експертите, тој и во наредните години би требало да изнесува до 5%. Но, додека средната класа граѓани, која станува се‘ поголема и брои околу 1,1 милиони луѓе може да си дозволи скапи автомобили, електрични апарати и убави куќи, многу луѓе во земјоделските региони се‘ уште не се допрени од економското чудо. А, од земјоделство, директно или индиректно, зависат 70% од граѓаните на Индија. Според статистиката на Светската банка, околу 27% од луѓето живеат под границата на сиромаштија, што значи мораат да живеат со помалку од еден долар на ден. Премиерот Синг направи обид да ги намали социјалните контрасти и да ги намали долговите на селаните со реформи и земјоделски пакети тешки милијарди.

Гласовите на селаните се многу важни

Во минатото, за победа на парламентарни избори секогаш беа важни гласовите на луѓето на село. Според Салма Бава, политиколог на универзитетот „Џавахарлал Нехру“

Indien ein Bauer mit seiner Ochsenkarre

70% од жителите на Индија живеат на село

во Делхи, популарноста на Синг тешко може да се процени: „Точно е дека на село живеат повеќе од две третини од луѓето. Манмохан Синг направи обид да донесе многу промени во животот на овие луѓе. Но, луѓето не гласаат само за Синг, туку и за неговата партија, и тука решавачки е имиџот што го има партијата. Во сојузните држави каде што на власт е влада на Конгресната партија и каде што таа работи успешно, резултатот на Конгресната партија ќе биде, се разбира, подобар. Но, никој не може да гарантира дека, доколку дојде на власт, сите проблеми ќе исчезнат.“

За Синг, победа на парламентарните избори би била првпат негова сопствена победа, а не така да се каже - подарена победа, како во 2004 година, кога претседателот на Конгресната партија, Соња Ганди не сакаше да биде премиер и местото му го отстапи на економскиот и финансиски стручњак - Манмохан Синг.


Автор: Прија Еселборн / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска